Саудиска Арабија ги прекинува октомвриските испораки на нафта за европски рафинерии

Саудиска Арабија ги известила најмалку двајца европски купувачи дека во октомври нема да добијат испораки на сирова нафта, иако со Ријад имаат долгорочни договори за редовно снабдување.
Причината се вонредните воени околности, кои во правна смисла се водат како „виша сила“ и овозможуваат привремено откажување на договорените испораки.
Сличен чекор неодамна презеде и Катар, кој поради блокадата на Ормускиот Теснец ја продолжи суспензијата на испораките на течен природен гас до почетокот на ноември.
Саудиска Арабија долго време имаше алтернативна рута преку нафтоводот „Исток-Запад“, кој овозможуваше извоз без минување низ ризичните подрачја околу Ормускиот Теснец. Преку него Ријад можел да извезува околу четири милиони барели нафта дневно.
Но, минатата недела клучниот нафтовод бил оштетен во напад. Саудиска Арабија за нападот ги обвинува ирачките милиции поврзани со Иран, додека јеменските Хути исто така презедоа одговорност за напади врз саудиски нафтени постројки и пристаништето Јанбу.
Ситуацијата веќе се одразува врз светските цени на енергенсите. Цената на нафтата „брент“ достигна 103 долари за барел, додека стручњаците предупредуваат дека реалните трошоци за физичка набавка на нафта, како и нафтените деривати, како дизелот и горивото за авиони, се уште повисоки.
Последиците се чувствуваат и во САД, каде што цената на дизелот за само една недела пораснала за 7,7 отсто.
Поради поморската блокада што ја прогласија Хутите, Саудиска Арабија сега е принудена итно да ги пренасочи испораките преку алтернативни рути, меѓу кои и нафтоводот „Суец–Медитеранот“.
Извор: skopje1.mk






