Во 11 средни стручни училишта во Скопје ќе бидат отворени 25 паралелки за дуално образование
Средното училиште „Владо Тасевски“ е прво меѓу стручните во Скопје во кое минатата година е воведен концептот за дуално образование. Учениците кои беа запишани за профил техничар за производно машинство, практичната настава ја изведуваа во германската компанија „Гересхајмер“ и добиваа надомест за ангажманот и платен превоз.
Во СУГС „Владо Тасевски“ се едуцира кадар од електротехничката, машинската и сообраќајната струка. Новина годинава е што имаат соработка со Македонски железници – Инфраструктура и во сообраќајната струка ќе биде воведена дуална паралелка која ќе работи по истиот принцип како тие што постојат.
Во училиштето денеска беше организиран отворен ден за да се промовираат предностите на дуалната настава и можност за учениците и нивните родители да се запознаат со просторно-техничките капацитети и со опременоста на кабинетите.
По посетата на штандовите на учениците кои ги претставија своите проекти, министерката Мила Царовска со впечаток дека сите во училиштето, како што рече, зрачат со ентузијазам – и учениците, и наставниците што, според неа, е знак дека има одлична, а не само добра атмосфера за учење.
-За да има одлична училишна атмосфера, значјано е да има спремни наставници, добри програми и квалитетна инфраструктура и опременост на училиштето. Тука се задоволени сите три елементи. Затоа, мојата главна порака до учениците од деветто одделение кои сега бараат каде да се запишат е да ги изберат струките во ова училиште. Затоа што не нè остручува само за работата што треба да ја извршуваме, туку нè гради и како личност, граѓанин што понатаму треба да ја развива економијата во нашата држава. Ова училиште го прави токму тоа, истакна Царовска, додавајќи дека е изненадена од претприемачкиот дух на учениците кои на отворениот ден претставиле училишни компании.
Царовска соопшти дека МОН со училиштата, општините и компаниите во изминатите четири месеци имаше дијалог во рамки на проектот „Учи паметно, работи стручно“ за да се утврдат струките/профилите што се потребни на пазарот на трду и согласно со заклучоците е креиран конкурсот и квотите за упис во средно образование за учебната 2021/2022 година.
-Сега очекуваме, со стипендиите што ги имаме за дуалното и за тригодишното образование, да стимулираме повеќе ученици да се запишат во стручните училишта. Апелирам учениците, согласно со своите можности и визиите за својот живот, да изберат каде понатаму ќе се образуваат. Средното стручно ви нуди директно занает и брзо вработување, во реалниот сектор се обезбедени повисоки плати, но од друга страна и подобра стартна позиција на факултетите, истакна Царовска.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов посочи дека со реконструкциите и инвестициите во изминатите три години, СУГС „Владо Тасевски“ станало најдигитализирано и најопремено средно училиште во Македонија. Соопшти дека во 11 средни училишта во Скопје во учебната 2021/2022 ќе бидат отворени 25 паралеки за дуално образование. Ги повика основците во завршна година да се определат за дуалното образование зашто ќе стекнат вештини за дефицитарни струки, со што ќе бидат конкурентни на пазарот и добро платени.
– Тоа им овозможува бенефит на средношколците во самиот образовен процес да добијат доволно стручна надградба која понатаму ќе им биде дел од нивниот живот. Станува збор за производство на кадар кој на пазарот на трудот е сериозно дефицитарен и учениците уште од самиот почеток на наставата, тие што ќе изберат дуална настава, стануваат стипендисти на компаниите кои се соработници на МОН и на Град Скопје, а со стипендијата и остручувањето на учениците де факто им е гарантирано и вработување веднаш по завршување на средношколското образование, додаде скопскиот градоначалник.