Ереван-Виена виа Скопје
Аферата што минатата недела „експлодира“ во македонската дипломатија со притворањето на Миле Миленкоски во Врање и причината за неговото апсење е како од холивудските шпионски трилери: криумчарен олигарх, брат на претседател на нам далечна земја, авиони, милиони, тајни служби и јавен резил. Мишн импосибл, Том Круз вода може да им носи.

Деталите од целата перипетија се далеку од расветлени, но она што, малку од Ереван и малку од Скопје, може да се реконструира е дека во 2018 г. „екипа“ од тројца македонски дипломати (видео-надзорот на ереванскиот аеродром, покрај уапсениот Миле Миленкоски, наводно ги идентификува на снимките и Б.С. и С.С. од составот на МНР, по кои не се издадени потерници) како на приватен чартер (авионот е можно да е од Виена, во сопственост на извесен ерменски тајкун) го качуваат контроверзниот ерменски олигарх Левон Саргсјан, брат на поранешниот ерменски претседател Серж Саргсјан, и го транспортираат во правец на Виена, за потоа да му се изгуби трагата, иако надлежните ерменски власти го товарат и го бараат во врска со многу милиони наводно проневерени пари и коруптивни зделки.
Потоа следува „македонско“ продолжение на трилерот: високиот дипломат Миленкоски на 27 август годинава, по „црвената“ потерница на Интерпол, прво е сопрен на унгарско-српската граница, кога унгарските власти ја провериле валидноста на неговиот дипломатски пасош во нашето МНР, а потоа е пуштен да ја помине границата, по што е уапсен по истата потерница од српската страна на тој граничен премин, па транспортиран до затворот во Врање (заради близината до Скопје).
Нормално, по шуш-буш објавувањето на оваа првокласна вест, а потоа и цунамито информации по македонските социјални мрежи и портали, на нашите власти им требаа 4-5 дена да се пробудат од „зимски сон“ и штуро да ја потврдат информацијата, па откако се објавија разно-разни „бурни“ детали за тоа кој е и каква му била долгата службена биографија на Миле Миленкоски, „надлежниот“ министер Бујар Османи дури викендов, изненаден и скандализиран, да објави дека следува „вонреден ветинг“ за тоа кој сѐ ни службува во дипломатијата. Другите надлежни државни инстанци сѐ уште молчат.
…
Kолумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука





