Градоначалничките визии треба да ни ги допрат и срцата, а не само џебовите

Како што можеше и да се претпостави, веќе по првите телевизиски дебати за градоначалничките места по општините се забавуваме со тоа како лекари, пејачи и шаренило од разни други професионалци (и оние кои тоа не се) се расфрлаат со печени-недопечени идеи за сообраќајните, еколошките и популационите проблеми на нашите градови. Некои седнале и нешто прочепкале по интернет, други главно се информираат од кафеанските маси каде што им заседаваат изборните „штабови“, а има и такви кои не ни кријат дека изборите им се шанса да ги прошетаат своите ега по телевизиите и маалските сокаци, пред да почнат посериозните есенски дождови откако заврши летното цветање на тиквите.

Гледаме, сите се големи експерти за „бетонизација“, за „брзи автобуски линии“, за возење велосипеди и за урбана хортикултура.

Во средината на далечните осумдесетти, се сеќавам на едно предавање на тогашниот градоначалник на Белград, Богдан Богдановиќ, во преполниот амфитеатар на Архитектонскиот факултет во Белград. Прославениот урбанист и архитект-филозоф, некогашен партизан кој, по судирот со Милошевиќ на почетокот на деведесеттите, ќе го напушти Белград и ќе замине во Париз, за во 2010 да почине во политички егзил во Виена, на тоа предавање говореше за историјата на развојот на градовите и за предизвиците на новата градска архитектура и модерната урбанизација.

Во таа прилика, количеството на интелектуална енергија во салата можеше да се „сече со нож“, а во публиката се слушаше и мува кога лета, бидејќи присутните бевме како хипнотизирани од заразната инспирација, од ерудицијата и имагинацијата на Богдановиќ. Впрочем, неговата енергија можете да ја почувствувате низ симболизмот и монументалноста на неговиот меморијален Парк на револуцијата во Прилеп (1961) којшто и денеска предизвикува морници слични на оние кога го гледате „Камениот цвет“ на Богдановиќ во меморијалниот парк во Јасеновац (1966).

А, во деведесеттите, нашиот познат архитект, професорот Живко Поповски, ме „облагороди“ и ме едуцираше со стотици часови низ разговори за урбанизмот, за филозофијата на живеењето и за развојот на градовите, не само во нивниот „материјален“ аспект, туку многу повеќе со „експлозијата“ на идеи и размисли за духот на урбаното живеење.

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close