Апасиев вели дека во Прилеп не се случил инцидент туку Левица го демонстрирала народниот непокор
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев оценува дека попречувањето на делегациите да положат цвеќе во криптата на Могилата на непобедените во Прилеп и непристојните дофрлања од нивниот активист кон премиерот не претставуваат инцидент, туку израз на народниот непокор.
Апасиев вели дека инцидентот е само во главите на ботовите на владејачката партија.
„Тоа беше демонстрација на народниот непокор, на прилепскиот инает на Могилата на непобедените каде на квислинзите им се покажа страничното место во историјата. Така и ќе завршат, бидејќи го продадоа сопствениот народ а македонскиот народ не ги трпи предавниците“,
смета претседателот на Левица.
Активистот на Левица, Иван Јованоски, кој ја предводеше групата која го блокираше приодот до Могилата и му дофрлаше на премиерот Зоран Заев а подоцна имаа и мал зајадлив вербален конфликт, во изјава за локалните медиуми од Прилеп вели дека немал намера ништо да коментира ама не можел да се воздржи.
„Не планиравме да се случи инцидент. Планиравме само од почеток до крај да стоиме таму. Дојде Пендаровски и почна да ми се крева искрен граѓански гнев и кога дојде Заев не можев да се воздржам да го кажам тоа што мислам дека би го кажал секој чесен човек, ама го промолчува. Го чепнав и градоначалникот на Прилеп, ама тој ме изигнорира“,
вели Јованоски.