Според Тачи, и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат предвремени избори
Лидерот на ДПА Мендух Тачи во вечерашното гостување на ТВ21 откри дека имало „резерва“ пратеник од опозицијата кој немало да гласа за недоверба на Владата, доколку во четвртокот дојдеше до тоа. Тој вели дека Заев и Ахмети тоа немало да го кажат и не откри за кого станува збор.
„Заев и Ахмети ова нема да го кажат никогаш. Ние имавме супер резерва пратеник кој со сигурност немаше да гласа за рушење на Владата. Не беше сигурно дали Кастриот Реџепи ќе гласа или не, затоа знаевме дека има друг пратеник кој нема да гласа против оваа влада. Да, пратеник од опозицијата“,
рече Тачи.
Според него, освен ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сака предвремени избори.
„И ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат предвремени избори. На двете партии тоа им одговара. Мислам дека Мицкоски дури не сака сега да биде премиер, би сакал повеќе техничка влада со премиер Албанец за да расте уште повеќе бројот на гласови за ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски и Заев се сретнаа два пати во овој период. Ако ВМРО-ДПМНЕ има договор со ДУИ, нема да ги есапи овие другите албански партии, но мислам дека ДУИ тактизира овој период“,
вели Тачи.