Средба Рубио-Лавров во Њујорк, засега без детали

Шефот на американската дипломатија Марко Рубио денеска се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Средбата се одржа истиот ден кога пред ОН говори украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Рубио и Лавров разговараа во еден голем хотел во Њујорк и не одговараа на новинарски прашања, особено оние за можноста за прогласување мораториум врз нападите врз енергетските постројки.

Во денешните најнови руски напади во Украина врз цивилната сообраќајна инфраструктура, насочени кон бензински пумпи, поморскиот сообраќај и железницата, загинаа најмалку пет лица.

Киев и Вашингтон сакаат руската војна против Украина да заврши „пред зимата“, стои во соопштението на украинскиот претседател објавено вчера на маргините на Генералното собрание на ОН.

„И САД и Украина сакаат оваа апсурдна војна што ја води Русија да заврши пред зимата“, напиша Володимир Зеленски, додавајќи дека со претседателот Доналд Трамп разговарал за „мерки за деескалација кои би можеле да го отворат патот за дипломатијата“.

За време на прес-конференцијата, украинскиот лидер изјави дека го известил американскиот претседател за својата намера да ги прекине нападите врз руските енергетски постројки под услов Москва да го стори истото.

Со американскиот претседател „разговаравме за енергетски мораториум“, изјави вчера украинскиот претседател.

Back to top button
Close