Заев-Гаши:Има стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада

 

Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши денеска во Клубот на пратениците ја потпишаa програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

Заев и Гаши нагласија дека земјата излегува од политичката криза, има стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада, што значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Северна Македонија.

Заедничка констатација која ја зајакнува новата коалиција, информира Заев, е дека на С Македонија и на граѓаните не им се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори.

– Вонредни избори единствено би ја втуранале земјата во нова политичка, економска и општествена неизвесност, но и ризик одново да се закочат европските интеграции. Доста беа кризи и неизвесности. На нашата татковина и треба мирен и стабилен период, рече Заев.

Затоа, наведе тој, постигнавме договор со Алтернатива за Влада и парламентарно мнозинство до крајот на актуелниот мандат, односно до 2024 година со амбиции и да продолжи. Нема стабилност со вонредни избори. Затоа вонредни избори нема да има за да има стабилност.

Постигнатиот договор, потенцира Заев, е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно изнаоѓање решение со Република Бугарија, справување со КОВИД -19 пандемијата и глобалната енергетска криза.

Тој упати порака до ЕУ и посебно, како што рече, до пријателска Бугарија.

– Во С Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство. Подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашето пријателство помеѓу двете држави и двата народи. Ние сме братски народи, порача премиерот Заев.

Во пораката до целиот наш народ, наведе дека почеток на преговорите ни треба веднаш затоа што ги имаме исполнето сите услови.

– Европеизација веднаш, европеизација постојано. Тоа е наша заложба на која ќе работиме со полн капацитет. Имаме мнозинство за стабилна влада и за сериозни решенија кои ќе ги држат здравствениот и енергетскиот систем стабилни, изјави премиерот.

Заев појасни дека се воделе од императивот за стабилно парламентарно мнозинство и за да се стави крај на опструкциите во Собранието.

– Ефикасноста на Собранието е во интерес на граѓаните и нивните потреби, да ги совладаме блокадите низ дијалог во Парламентот и да и дадеме сила на владата во спроведувањето на програмските политики околу кои постигнавме согласност и кои се во интерес на граѓаните, рече претседателот на Владата.

Новото мнозинство, истакна, е одговор на барањата и потребите на граѓаните за стабилност.

 

– Се здруживме околу заедничката определба дека во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет и преземањето јасно утврдена одговорност пред граѓаните. Тоа е исклучително важно во време на сериозни предизвици дома и на глобален план, рече премиерот Заев.

Информира дека Алтернатива ја презема одговорноста со свои кадри и од своите редови ќе назначи министер за здравство, министер за ИОА и министер без рестор задолжен за дијаспората. Владата, како што рече, ќе воведе неколку министри без ресор, со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици.

Од страна на Алтернатива ќе бидат назначени и три заменици-министри, од кои еден во МОН, еден во Министерството за култура, а за третиот ресор останува дополнително да се прецизира, иако било разговарано за заменик министер за земјоделство.

Алтернатива ќе преземе одговорност и во менаџирањето на управувачките раководните органи во повеќе институции на централно и на подрачно ниво. Меѓу нив од поважните се МЕПСО, ФЗОМ, Железници и Транспорт, Клинички центар – Тетово, Агенција за странски инвестиции и други.

Претседателот на Алтернатива Гаши ги престави договорените принципи и начела со кои ќе се надгради односно дополни владината програма. Тие се однесуваат најмногу на европските интеграции, на економскиот добробит за народот, на рамномерниот регионален развој, правната држава и на брзата и квалитетна испорака на услуги кон граѓаните од страна на институциите.

ИНаку, договорено е и Владата на Република Северна Македонија да ги мобилизира сите капацитети на државата и општеството со цел отворање на преговорите со ЕУ, успешно комплетирање на сите поглавја и полноправно членство во ЕУ како стратешка цел, во најкус можен временски рок.

– Владата ќе испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир, беше кажано на прес-конференцијата.

Владата ќе усвои и нов Закон за рамноправен регионален развој и ќе работи на отстранување на сите пречки за да овозможи развој и на Липковскиот регион со цел овој регион да стане рамноправен и еднаков со сите други региони во државата во однос на развојните компоненти.

Согласно договорот, Владата ќе развива и имплементира политики за унапредување на правата и интересите на сите индивидуи и заедници во земјата и дополнително за поддршка на семејството како една од суштинските компоненти на општествениот живот.

Ќе се направи и анализа на вкупните закони и политики во однос на борбата против криминалот и корупцијата и истите ќе ги унапредува во насока на поефикасно спроведување.

Ќе се редефинира и Законот за извршители водејќи се пред се од барањата на граѓаните, со цел да биде во поголема функција на нивните интереси , а потоа и на интересите на институциите.

– Владата ќе иницира процес на градење Национална стратегија за развој и подигнување на квалитетот во образованието, во кој ќе настојува да учествуваат сите чинители од образовниот процес, како и политичките партии, граѓанските организации и меѓународни институции, а во меѓувреме Владата ќе испрати и официјален повик до меѓународните институции за евалуација на домашните високообразовни институции.

Во договорот со Алтернатива стои и дека Владата ќе застане во економска заштита на населението и нема да дозволи поголемо покачување на цената на струјата од 20 проценти во текот на 2022 година, преку субвенционирање на граѓаните и компаниите и други економски мерки.

Владата ќе работи и на зголемување на квалитетот, ефикасноста и експедитивноста на испораката на услуги кон граѓаните и на реализацијата на проекти на сите нивоа, преку зголемување на нивото на одговорност кое носителите на јавни функции и државните службеници го преземаат пред граѓаните.

Back to top button
Close