Симовски: Резултатите од Пописот кон крајот на март, нема простор за сомнеж во податоците
Во интервју за Нова ТВ, Симовски вели дека крајниот рок за објавување на резултатите од Пописот е 31 март 2022 година, што е најкус рок што ДЗС го имале за обработка на пописни податоци.
Тој информираше дека во статистичката операција бил ангажиран и меѓународен експерт од страна на Европската комисија. Експертот бил присутен во целиот процес на подготовка и спроведување на пописот, а учествува и во обработка на податоците заедно со тимот на ДЗС.
Прашан дали има потреба да се брани интегритетот на податоците од Пописот, директорот на ДЗС посочи и дека Заводот стои зад податоците што ги произведува и објавува и оти нема потреба да се брани интегритетот на институцијата, не само за податоците од Пописот, туку и генерално за сите податоци што ги произведуваат.
– За тоа дали јавноста ни верува или не, доволен показател е бројот на корисници на статистички податоци кои секојдневно ја посетуваат нашата веб-страна и Макстат базата и ги користат нашите податоци, додаде Симовски.
Тој заклучи дека ДЗС е професионален во обработка на статистичките податоци кои ги произведува и при обработката ги почитува сите меѓународни стандарди, процедури и методологии за обработка на податоците, поради што претставува официјална статистика што е меѓународно споредлива.