Бислимоски најави пријава до Обвинителството: Пумпите не смеат да ограничуваат продажба до 500 денари
Малите пумпи немаат право да вршат ограничување на набавката на бензин. Тоа се воени профитери кои сакаат да заработат нешто ситно на нечиј грб. Ние денес ќе доставиме известување до Обвинителството за таквите појави, вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика за „Утрински брифинг“.
„Точно, во текот на вчерашниот ден се создаваа колони на бензинските пумпи низ државата, а тоа е врз основа на шпекулации дека цената на дизелот ќе порасне до 150 денари следната недела. Нафтени деривати има, редовно е снабдувањето и резерви има. Снабдувањето е без никакви проблеми и немало прекин на испорака на бензин. Она што загрижува е што на некои пумпи вчера се продавале бензин за само 500 денари со намера да заштедат резерви и да го продадат поскапо“,
вели тој.
Бислимоски вели дека има доволни колични нафтени резерви.
„Нафтата во С Македонија во најголем дел доаѓа од Грција. Но, фејсбук-стратезите вчера кренаа паника“,
вели Бислимоски.
На прашање до каде ќе одат цените на енергентите, Бислимоски вели дека цените и на електричната енергија и на природниот гас дивеат и цела Европа е во паника, па не очекува во следните недели да има некое намалување. Но, според Бислимоски, ќе има стабилизирање со постигнување на договор со ОПЕК. Тој препорачува да штедиме да се надмине овој тежок период.