САД воведоа санкции и за фирмата што ја отвори Груевски во Унгарија
Американското Министерство за финансии денеска објави дека воведува санкции против седум лица од четири земји од Западен Балкан, вклучувајќи ги поранешните македонски функционери Никола Груевски и Сашо Мијалков. Лицата се означени согласно извршната наредба 14033. Станува збор за извршната наредба на претседателот Џо Бајден од јуни 2021 година.
„Луѓето означени денеска претставуваат сериозна закана по регионалната стабилност, довербата во институциите и аспирациите на оние кои сакаат демократско и праведно владеење на Западен Балкан. Борбата против корупцијата ширум светот е голем приоритет на администрацијата на Бајден-Харис и Министерството за финансии нема да се двоуми да ги користи сите алатки што ги има на располагање за да одговараат корумпираните актери“, велат од американското Министерство за финансии.
Во случајот на Никола Груевски е санкционирана и компанијата што ја отвори во Унгарија во јули минатата година.
За Мијалков потсетуваат дека веќе е осуден во два случаи. Тоа се случаите на поранешното СЈО „Тврдина-Таргет“ и „Трезор“. Пресудите се неправосилни, се чека одлука на Апелациониот суд.
„Сашо Мијалков е поранешен шеф на контраразузнавањето во Северна Македонија. Мијалков наводно учествувал во шема за местење избори и во масивна нелегална операција за прислушување на 20.000 луѓе, вклучувајќи политичари, судии и новинари, за да си обезбеди политичка и економска корист и која предизвика двегодишна политичка криза во земјата, откривајќи го наводното владино мешање во судството, контролата врз неколку медиуми и попречување на изборите. Во февруари 2021 година, со оглед на неговата улога како организатор на шемата за прислушување, тој беше осуден од суд во Северна Македонија за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и примање награда за противзаконито влијание. Понатаму, во април 2021 година, суд во Северна Македонија го осуди Мијалков за злоупотреба на службената положба во врска со набавка на опрема за надгледување“, велат од американското Министерство за финансии.
Мијалков е означен согласно истата извршна наредба како Груевски.
Против Груевски и Мијалков се воведуваат санкции, кои подразбираат дека целиот имот и интереси на означените индивидуи кои се наоѓаат во САД или се во посед или контрола на американски граѓани мора да бидат блокирани и пријавени во Канцеларијата за контрола на странски имот на американското Министерство за финансии. Дополнително, се забрануваат секакви трансакции на американски граѓани или лица во САД што вклучуваат каков било имот или интереси на означените лица. Американските граѓани можат да се соочат со прекршочни или кривични казни за нарушување на оваа извршна наредба.