„Шанса за Центар“ бара од институциите да ги расчистат сомнежите за вчерашниот пожар кај стара „Треска“

Од „Шанса за Центар“ велат дека пред неколку недели предупредиле дека е можен развој на настаните околу поранешната фабрика „Треска“ со цел да се реши урбанистичкото планирање на подрачјето на начин кој нема да го штити јавниот интерес

Граѓанската иницијатива која има своја советничка група во Општина Центар „Шанса за Центар“ денеска побара од институциите да ги расчистат сомнежите што се појавија во јавноста во врска со вчерашниот пожар кај старата фабрика „Треска“.

Од „Шанса за Центар“ велат дека пред неколку недели предупредиле дека е можен развој на настаните околу поранешната фабрика „Треска“ со цел да се реши урбанистичкото планирање на подрачјето на начин кој нема да го штити јавниот интерес.

„За жал развој има, но дури и полош од оној кој го претпоставувавме. Старите хали повторно горат кога е во ек јавна дискусија за тоа што ќе се случува понатаму со ‘Треска’, а се шират и сомнежи дека пожарите се подметнати. Ги очекуваме надлежните институции, Министерството за внатрешни работи, Противпожарната бригада и Град Скопје детално и брзо да се изјаснат за тврдењата дали последниот пожар е подметнат“,

велат од „Шанса за Центар“.

Тие ги повикуваат надлежните институции и Државниот инспекторат за животна средина да утврдат какви материи се чуваат во кругот на поранешната фабрика и дали претставуваат опасност за избувнување на пожари или за здравјето на луѓето кои живеат во околината на „Треска“, па и во целата општина и да ја информираат јавноста дали сопствениците на објектите и на земјиштето имаат обврска да го расчистат отпадниот материјал од нивните имоти со цел да се намали опасноста за граѓаните.

„’Шанса за Центар’ смета дека одолговлекувањето на постапката за носење нов урбанистички план за подрачјето на ‘Треска’, придонесува за продолжување на неизвесноста и ја зголемува можноста за нови несакани случувања. Бараме општината да не тактизира со објавувањето на конкурсните решенија, туку во согласност со одлуката на Советот да организира јавна презентација на трудовите со кои се нуди поквалитетно решение за подрачјето и подобри услови за достоинствен живот на сегашните и идните жители“,велат тие во соопштението.

Back to top button
Close