Македонскиот рубин добива кју-ар код и сертификат за потекло – ќе биде препознатлив национален производ

Таа кажа дека името македонски рубин ќе може да се користи само кога се исполнети утврдените услови – кога е потврдено потеклото, кога постои документација, кога е извршена стручна контрола и кога производот ги исполнува критериумите утврдени со елаборатот, правилникот и законската рамка

Македонскиот рубин ќе добие сертификат за потеклото, квалитетот и посебните својства, но и кју-ар код преку чие скенирање корисникот ќе ги добие сите информации содржани во сертификатот. Ова денеска го најави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, презентирајќи ги активностите за заштита и промоција на овој наш уникатен камен.

Првиот код, како што рече Божиновска на денешната прес-конференција, се очекува да биде изготвен до крајот на октомври.

„Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство, има свое потекло, свои специфични својства и своја приказна. Наша обврска е таа природна вредност да ја претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба. Сакаме македонскиот рубин да биде препознатлив и ценет првенствено во Македонија, а потоа и во регионот и, секако, на меѓународниот пазар“,рече Божиновска.

Таа кажа дека името македонски рубин ќе може да се користи само кога се исполнети утврдените услови – кога е потврдено потеклото, кога постои документација, кога е извршена стручна контрола и кога производот ги исполнува критериумите утврдени со елаборатот, правилникот и законската рамка.

Според неа, со воспоставување ред и јасни стандарди македонскиот рубин добива можност да прерасне во препознатлив национален бренд, производ што ќе создаде нова економска можност за занаетчиите, дизајнерите, обработувачите, трговците и, секако, локалните заедници.

„Денеска зборуваме за процес што го почнавме со јасна цел. Тоа значи дека мора прецизно да биде утврдено што може да се означи и да се продава како македонски рубин. Мора јасно да се знае од каде потекнува материјалот, мора да постојат јасни правила за тоа кој може да го вади, да го обработува, да го пласира и, конечно, да го користи заштитениот назив“додаде таа.

Исто така, рече дека мора да биде утврден начинот на кој се контролираат квалитетот и посебните својства, мора да постои евиденција за материјалот и мониторинг за неговото движење – од местото на потекло, преку обработката, па сè до неговото означување, продажба и промоција.

„Мора да бидат јасно определени условите под кои камен, накит или друг производ може да го носи името македонски рубин“,истакна Божиновска.

Таа уште еднаш напомена дека заштитениот назив мора да биде придружен со систем што ќе гарантира дека зад него навистина стојат автентично потекло, утврден квалитет и почитување јасно дефинирани правила.

Целта, како што додаде, е да се заштитат производителите, обработувачите и занаетчиите што ги почитуваат правилата, а пред сè смета оти треба да се заштити купувачот.

Во 2025 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во координација со Геолошкиот завод, првпат ја поведе иницијативата за институционална и правна заштита на македонскиот рубин како географска ознака. Следуваше стручна, институционална работа. Геолошкиот завод го изработи елаборатот, во кој беа утврдени потеклото, специфичните карактеристики и другите релевантни својства на македонскиот рубин. Врз основа на оваа документација, годинава во мај беше поднесена пријавата до Државниот завод за индустриска сопственост, кој на 17 јуни донесе решение со кое географскиот назив „македонски рубин“ доби правна заштита.

„Тоа е значаен успех за нашата држава. Со ова решение името македонски рубин доби правен идентитет и основа за институционална заштита. Истовремено, решението отвора нова и уште поважна фаза – практично спроведување на оваа заштита“кажа министерката.

Инициран е процесот за пристапување на Македонија кон женевскиот акт на Лисабонскиот договор, со што, објасни, ќе се создаде правна можност географската ознака „македонски рубин“ во иднина да биде пријавена и за меѓународна заштита преку овој лисабонски систем.

„Меѓународната препознатливост почнува со јасен, кредибилен и функционален систем во нашата држава. Поради тоа, паралелно со правната заштита воспоставуваме систем на сертификација, евиденција и мониторинг. Комисијата го подготви правилникот за работа, институциите ги усогласуваат сите правни и практични елементи, кои се потребни системот да функционира. Во тек е и изработка на новиот закон за рударство, во кој прашањата поврзани со практичната примена на заштита на географската ознака ’македонски рубин’ ќе бидат соодветно уредени и усогласени“рече Божиновска.

Откога ќе завршат сите потребни процедури, ќе почне официјалното и детално информирање на занаетчиите, обработувачите, производителите, трговците, потенцијалните овластени корисници и сите други релевантни чинители. Ќе биде воспоставен јавен регистар на физичките и правните лица што се занимаваат со вадење, обработка, промет или продажба на македонскиот рубин во согласност со утврдените законски услови.

Back to top button
Close