(ВИДЕО) Телма: Итна помош повикана пред филијалата на Алта банка во Битола: Граѓани со денови чекаат да се отворат шалтери
Во неколку наврати утрово интервенираше Итната медицинска помош пред филијалата на Алта банка во Битола, откако на дел од граѓаните кои чекаа во редиците им се слоши. Денеска почна исплатата на готовина на шалтерите, откако Народна бнака го презеде времното управување со банката.

– За наши пари паѓаат луѓето, тука им се слоши, велат граѓани.
Во банката влегуваат само клиентите кои добиле СМС-порака со термин за исплата и немаат платежна картичка. Тие можат да подигнат најмногу 20 илјади денари во период од две недели. Но, пред филијалата се собраа и граѓани кои не добиле покана, меѓу нив и повозрасни лица кои не користат мобилни телефони или бараат документи за да можат да отворат сметка во друга банка.
– Порака требало! Старите луѓе, над 90 години, дали знаат да прочитаат порака? Некои немаат ниту телефон. Мене не ми треба порака, туку да ми дадат одјава за да заминам во друга банка и да не ме малтретираат вака, реагираат битолчани.
Ситуцијата со Алта банка се пренесе и во локалната самоуправа. Опозицијата побара вонредна седница на Советот за градоначалникот Тони Коњановски да информира кои јавни претпријатија имаат сметки во банката, колку средсва имаат и кои чекори ќе ги преземе Општината. Одговор, засега, велат, не добиле.
– Имаме игнорантски однос и од градоначалникот и од претседателот на Советот, затоа што не закажа седница. Со тоа покажуваат дека не им е грижа за граѓаните и за тоа што ќе се случува со јавните претпријатија, бидејќи сметките им се блокирани, изјави Миле Трајковски, советник од „Поинаку“.
Коњановски барањето за вонредна седница го оцени како популистичко, и на социјланите мрежи ги објави салдата на петте јавни претпријатија кои имаат сметки во Алта банка, а салдото на сите е приближно 144 илјади евра.
„Општина Битола како основач на јавните претпријатија ги следи насоките и информациите од Народната банка на Македонија. Тоа што дел од претпријатијата имаат сметка во Алта банка никако не значи дека е загрозена нивната функционалност. Верувам дека многу скоро целиот случај ќе има завршница“, напиша Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
Тој најави дека за состојбата ќе се разговара и на седница на локалниот економско-социјален совет, на која ќе се разгледаат можните мерки што локалната самоуправа може да ги преземе за заштита на интересите на граѓаните.






