Кривична за скопјанец што објавувал епизоди од серија на Фејсбук без авторски права


Поднесена е кривична пријава против 46-годишен скопјанец поради сомнение за повреда на авторски права и пиратерија на аудиовизуелно дело, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според информациите на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, Ј.К. во текот на 2024 година, како администратор на фејсбук-страница, без дозвола објавувал епизоди од телевизиска серија за која ексклузивните авторски права биле отстапени исклучиво на програмскиот сервис на една телевизиска куќа, врз основа на претходно склучен договор.

Постапката е поведена по претходно доставена пријава од телевизиска куќа до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.

Според наводите, осомничениот преку својот профил на Фејсбук, покрај други серии, филмови и документарни содржини, објавувал и епизоди од серијата за кои немал авторски права.

По наредба на ОЈО Скопје, полицијата спровела истрага, го повикала пријавениот на информативен разговор и привремено одзела електронски уред во негова сопственост.

По извршената дигитално-форензичка анализа на уредот, како што информираат од МВР, биле потврдени наводите од пријавата и исказот што го дал пријавениот.

Back to top button
Close