Иконому: Епидемиолошките податоци ни даваат причина за оптимизам

Привременото укинување на задолжителната употреба на маска во сите простори, освен за здравствените структури и јавниот превоз, од 1 јуни и брзата деескалација на епидемиолошките индекси, ни дава причина за оптимизам, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Иконому направи ретроспектива на она што Владата го сторила за време на пандемијата, рече дека според СЗО „Грција е на 12-то најдобро место во ЕУ од 27 земји според индексот на вкупната прекумерна смртност од секоја причина за смрт во последните две години на пандемијата“ и истакна дека се вакцинирани 75 отсто од вкупното население, што е во европскиот просек.

-Со второто најстаро, а со тоа и најранливо население во Европа и со еден од најслабите здравствени системи, поради повеќегодишното недоволно финансирање и недостигот на политичка поддршка во претходните години, резултатот од управувањето со пандемијата, за Грција, можеше да биде негативен пример за неуспешно управување. Пандемијата можеше да ги уништи нашата земја и нашиот народ.  Но, тоа не се случи.  Врз основа на можностите и расположливите ресурси, успеавме да бидеме подобри од очекуваното и сигурно подобро од повеќето земји во ЕУ, рече Иконому.

Додаде дека се зголемени леглата на Одделите за интензивана нега во грчките болници и вработиле дополнителни здравствени работници, а паралелно, поради пандемијата ја забрзале дигитализацијата на администрацијата со 1.000 нови услуги и над 500 милиони дигитални трансакции на граѓаните.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close