Лефков го праша Ковачевски дали фирми блиски до него земаат државни тендери, тој го упати на неговиот профил на „Линкед ин“

 

За фирмата од енергетскиот сектор каде бил еден од основачите, премиерот рече дека се повлекол уште пред да стане заменик-министер за финансии
Кои фирми профитираат од енергетската криза и дали фирми блиски до вас и во вашето опкружување земаат државни тендери поврзани со секторот енергетика?

Вакво прашање на денешната собраниска седница доби премиерот Димитар Ковачевски од пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ. Ковачевски, пак, отфрли каква било поврзаност со фирми од периодот кога е на државна функција.

„Вие рековте ’не можат личните интереси да бидат над државните‘ – ваш цитат и гледаме целосна неспособност кога станува збор за државните компании коишто се од областа на енергетиката. Третото прашање е конкретно и јасно господине Ковачевски: Кои фирми профитираат од енергетската криза во изминативе две до три години и дали има фирми блиски до вас фирми кои сте ги основале, па сте ја промениле сопственоста, дали има фирми во вашето опкружување кои земаат државни тендери а се поврзани со секторот енергетика?“праша Лефков.
Ковачевски, пак, првично го упати пратеникот да го посети неговиот профил на социјалната мрежа „Линкед ин“ и точно да види каде и што работел, а за фирмата од енергетскиот сектор каде бил еден од основачите, премиерот рече дека се повлекол уште пред да стане заменик-министер за финансии.

„Сите активности што сум ги има во животот, можете да отидете на мојот ’Линкед ин‘ профил и точно ќе видите каде сум работел, од која до која година сум работел, која фирма сум ја основал, каква улога сум имал и кога сум излегол од таа фирма. Точно е дека јас со финансиски средства и знаење имам учествувано во компанија која е во делот од висока технологија за обновливи извори на енергија. Пред да станам заменик-министер за финансии, ги повлеков комплетно ликвидните средства при основањето на компанијата и го отстапив уделот во таа компанија, што може да се провери во Централниот регистар. Од тој ден, јас немам ниту интереси, ниту никакви обврски ниту каква било врска со таа компанија со оглед дека си има нова сопственичка структура. Што таа компанија работи, дали остварува добивка, колкава добивка, тоа ќе мора да ја прашате компанијата со оглед дека јас немам веќе никакви удели во неа“,
одговори Ковачевски.

Лефков, пак, реплицираше дека не е задоволен од одговорот и рече дека додека гледаме неспособност кај државните компании, кога станува збор за фирми со кои Ковачевски е поврзан се гледа дека тој навистина е способен и знае како да стигне до државни тендери. На дофрлањата од место кои ги имаше премиерот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ одговори дека во недела во 11 часот ќе обелодени за што станува збор.

Лефков од собраниската говорница претходно упати и прашање дали Ковачевски чувствува одговорност за хаваријата на доводниот цевковод на хидроелектраната Врбен која е дел од Мавровскиот систем, но на ова прашање премиерот рече дека ќе одговори писмено.

Back to top button
Close