Фактор: Бугарија го става својот гасовод во функција на Македонија
Операторите на македонскиот и бугарскиот гасовод – ГА-МА и Булгартрансгаз, кои се во стоотстотна државна сопственост постигнаа нацрт-договор за меѓусистемско поврзување. Ова го објави Булгартрансгаз на својата веб-страница, при тоа објавувајќи го и решението, кое како што информира „Фактор“, треба да се потпише околу 1 ноември.

Објавено е дека од 18 до 28 октомври ќе трае јавната консултација за бизнис правилата од проектот за меѓусистемско поврзување на точката Ќустендил (Бугарија) – Жидилово (Македонија). На јавна дискусија двата оператори ќе ги презентираат правилата за процедурите за дистрибуција на количествата гас, како и други релевантни одредби кои се однесуваат на корисниците на мрежата.
Експертите за „Фактор“ објасниле дека ова се прави за да се заобиколат условите кои ги наметнува „Гаспром“ и Македонија да добие стабилно снабдување на природен гас преку Бугарија за време на енергетската криза. Извор ни потврди дека на вчерашната седница на Влада била донесена одлука ГА-МА да го потпише договорот и со тоа да се либерализира пазарот и да се усогласи преносот на новите количини по директивите од ЕУ. Во блиска иднина секој кој сака, ќе може да внесува поевтин, поквалитетен и посигурен природен гас, а единствен услов ќе биде да има лиценца и закуп на прекуграничен капацитет.
…






