Муцунски: Структури на власта во земјава со државни средства финансираат проруски медиуми
Одредени министри и безбедносни структури во земјава, како и акционерско друштво во доминантна државна сопственост, со државни ресурси финансираат проруски медиуми, изјави денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„Она што мене ме загрижува е по повеќе разговори со релевантни меѓународни претставници можеме да кажеме дека постои едно сомнение што доаѓа и надвор од Македонија, дека владини претставници, одредени министри и одредени безбедносни структури во Македонија, користејќи државни ресурси во една специфична ситуација и едно акционерско друштво во доминантна државна сопственост, финансираат медиуми коишто се таканаречени проруски медиуми, коишто шират една пропаганда спротивна на интересите на нас како земја членка на НАТО“ изјави Муцунски за Радио Лидер.
Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром
Тој посочи оти за сето ова што го прави власта ќе следува одговорност.
„И бидејќи тезата е дека ВМРО-ДПМНЕ е антиевропска партија, еве, да бидат свесни дека за таквите злоупотреби во некој момент ќе следува одговорност“ додава Муцунски.
Во гостувањето во Радио Лидер, Муцунски посочи дека неговиот сопартиец Александар Николоски често говори и за фактот што одредени безбедносни служби во Македонија преземаат чекори за следење на комуникацијата на дел од раководството на политичката партија.
„Согласно моите информации и јас сум еден од тие лица што се опфатени со тој процес и се шири користејќи буџетски средства на граѓаните, една пропаганда против опозицијата“ кажа Муцунски.