ЕК повика мигрантите од бродот „Океански викинг“ што побрзо да се симнат на копно
Европската комисија повика спасените мигранти на бродот Океански викинг во Средоземното Море што е можно поскоро да се симнат на најблиското безбедно место додека Франција и Италија се расправаат за тоа која земја да го прими бродот.

– Ситуацијата на бродот достигна критично ниво и потребно е итно да се реши за да се избегне хуманитарна трагедија. Законската обврска за спасување и обезбедување на сигурност на животот на море е јасна и недвосмислена, без оглед на околностите кои ги доведуваат луѓето во ситуација на опасност, се вели во соопштението на Комисијата.
Франција вчера ја критикуваше Италија затоа што одби да го прифати во нејзините пристаништа бродот со над 200 спасени мигранти.
– Ситуацијата на која сме сведоци на Медитеранот уште еднаш ја открива итната потреба од обединета, кохезивна политика за миграција и азил. Комисијата предложи ваков систем пред две години и ја користи оваа можност да го обнови својот повик до земјите-членки и Европскиот парламент да ја унапредат работата на неговото усвојување, додава Комисијата.






