Канада ги истражува информациите за кинески „полициски станици“ во Торонто
Канадската полиција ги истражува извештаите за кинески „полициски станици“ кои работат во областа на Големото Торонто, кои можат да ги загрозат канадските интереси и да претставуваат закана за националната безбедност, пренесе БТА.

Канада со ова им се приклучи на земјите, меѓу кои се и САД и Холандија, кои иницираа такви истраги откако групата за заштита на правата со седиште во Европа, Safeguard Defenders, во септември објави извештај, откривајќи присуство на десетици кинески „полициски станици“ во големите градови низ светот.
Контролните пунктови се продолжение на напорите на Пекинг да изврши притисок врз некои кинески граѓани или нивни роднини во странство да се вратат во Кина за да се соочат со обвиненија, се вели во извештајот на Safeguard Defenders.
Документот ги поврзува и со активностите на институција на кинеската Комунистичка партија која има задача да го шири влијанието на земјата во странство. Кина ги негира обвинувањата.






