Македонскиот тим од историската комисија реагира: Не го решаваме црковното прашање на МПЦ-ОА
Членовите на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна и експертска комисија за историски и образовни прашања денеска со, како што велат, разочарување реагираат на некоректното информирање на јавноста за темите кои се предмет на дискусија во работата на Комисијата
Членовите на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна и експертска комисија за историски и образовни прашања денеска со, како што велат, разочарување реагираат на некоректното информирање на јавноста за темите кои се предмет на дискусија во работата на Комисијата.
Во писмена реакција тие тврдат дека и покрај јасно искажаните погледи и ставови на ко-претседателот од македонска страна дадени пред новинарите на 25 ноември по завршувањето на 22. средба, во одредени медиуми во изминатите три дена се пласирарале информации и се емитувале прилози со кои се шират невистини дека Комисијата го решава црковното прашање на МПЦ-ОА, дека дискутира за теолошки и црковни прашања,догми и канони, или, пак, одредува чија е ОА.
Од Комисијата додаваат дека ова не е прв пат работата на Комисијата и нејзините решенија да бидат предмет на манипулација, на паушални и неаргументирани заклучоци со цел потоа истите да бидат злоупотребени.
-Повторно сведочиме како свесно се создаваат непостоечки проблеми и измислени закани по македонскиот идентитет со што јавноста се доведува во заблуда и се манипулира со нејзините чувства, особено со чувствата на македонскиот народ. Повторувањето на овие дезинформации во однос на работата на Комисијата ќе ги сметаме за свесно инструментализирање на нејзината работа со цел остварувањена политички цели. Затоа, повикуваме на одговорност во информирањето на јавноста за работата на Комисијата не само од страна на медиумите, туку и од сите општествено-политички актери во македонското општество, стои во реакцијата.