Трагичен биланс на невремето на италијанскиот остров Искија
28.11.2022 10:14
156 1 минута читање
Властите на италијанскиот остров Искија го продолжуваат расчистувањето по катастрофалното невреме кое однесе најмалку седум жртви.
Обилниот дожд и силниот ветар во саботата предизвикаа огромни штети во северниот дел од островот Искија. Низ улиците течеа реки кал и камења, оштетувајќи според официјалните информации најмалку 30 згради. Од копното на островот во заливот кај Неапол биле испратени бројни спасувачки екипи и тешка механизација заради поддршка во потрагата по настрадани и расчистување на урнатините.
Посебно погодени се местата Касамикола и Лако Амено. Вчера вечерта (27.11.2022) надлежната префектура во Неапол го соопшти тажниот биланс од седум мртви, меѓу кои се и едно бебе старо само 22 дена, шестодишно девојче и единаесетгодишно момче.
Спасувачките екипи освен тоа пронашле тело и на 64- годишна Бугарка, на една жителка на регионот и нејзиниот маж (32) и една 30-годишна жена од Лако Амено.
Пет лица ноќеска се водеа за исчезнати, по нив продолжи потрагата. Поради невремето близу 230 лица од нивните домови се пренесени во хотели и други сместувалишта во околината.
Невремето во саботата предизвика енормно пустошење, надојдените водени маси носеле автобуси и автомобили со себе, некои од нив се останати на покривите, е дел завршиле во морето.
Некои од жителите останале заробени во своите куќи, без електрична струја.
Поради континуираниот дожд на викендот, на спасувачките тимови им бил отежнат пристапот до нив. Армијата испрати хеликоптери со чија помош се спасени неколку лица. Во акција биле вкупно речиси 400 пожарникари и полицајци.
Во меѓувреме се` погласни се критиките за недоволна заштита на островот со околу 60.000 жители. Ризикот од лизгање на земјиште при невреме на населените ридови на островот, како и во други делови од Италија, бил познат, но властите со години не презеле никакви инвестиции заради заштита.
Владата на италијанската премиерка Џорџ Мелони вчера во Рим одржа вонредна седница поради катастрофалното невреме на Искија, воведувајќи едногодишна вонредна состојба на островот поради природна непогода. Назначена е и специјална комесарка која ќе се грижи за обновата, за чија цел Рим стави на располагање два милиони евра. Искија е омилена туристичка цел кај Италијанците и странците. И германската поранешна канцеларка Ангела Меркел често го поминуваше својот одмор на овој италијански остров кај Неапол.