Во Подгорица трет протест на опозицијата
Во Подгорица вечерва се одржува третиот протест на опозицијата, предводен од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ, против Законот за претседател.
Протестот наречен „Не има” започна во 18 часот пред зградата на црногорскиот Парламент.
Граѓаните собрани пред Собранието носат транспаренти на кои пишува: „Почни да се грижиш затоа што и тебе те засега”, „Не те даваме Црна Горо”, „Со овие луѓе ти немаш ништо, одамна те продадоа”, „Не има! Не го даваме Уставот! Сакаме избори!”, пренесува Побједа.
На собирот присуствуваат потпретседателите на ДПС Јевто Ераковиќ и Абаз Диздаревиќ, како и генералниот секретар на партијата Александар Богдановиќ.
Насобраните, покрај црногорски знамиња, носат и знамиња на САД, ЕУ и Украина, пишува „Вијести”.
Тие бараат повлекување на, како што велат, „срамните измени на Законот за претседател”, кои, сметаат, претставуваат своевиден уставен удар.
Исто така, бараат деблокирање на државните институции и распишување вонредни парламентарни избори.