Партијата на Мета повика на масовност на утрешниот протест пред владата во Тирана
По лидерот на фракцијата на Демократската партија, Сали Бериша, вечерва на масовност на утрешниот протест граѓаните ги повика и Партијата на слободата, на поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета.
Генералниот секретар на партијата, Теди Блуши, ги повика граѓаните да се приклучат на утрешниот протест на опозицијата кој се одржува под мотото „Придружи се и ти-за Албанија како цела Европа”.
Блуши на социјалните мрежи напиша дека протестот е против „разбојничкиот и шизофрен режим, кој без прекин краде од секое албанско семејство и ја поттикнува депопулацијата на земјата”.
– Сите заедно за Албанија како цела Европа, против разбојничкиот и шизофрен режим, кој непрекинато краде од секое албанско семејство и ја поттикнува депопулацијата на државата од млади луѓе. Утре, во 12:00 часот, придружете ни се за европска Албанија која им припаѓа на младите”, напиша Блуши.
Пред Блуши апел за масовност упати Бериша.
-Секој Албанец кој ја сака оваа земја, кој ја сака слободата, човечкото достоинство, својата и иднината на своите деца во слобода и кој верува дека условот на сите услови е слободен глас, придружете ни се утре на плоштадот да му посведочиме на европското лидерство дека сме во битка со жестокиот непријател на албанскиот глас Еди Рама, рече меѓу другото Бериша.
Според нивната најава протестот треба да биде од 12 до 16 часот пред владата, на булеварот „Народни херои” кој е вклучен во периметарот за забрана за движење.