СДСМ: Заканите што ги кажа Арсовска потврдија дека ВМРО-ДПМНЕ е истата насилничка матрица која граѓаните ја чувствуваа 11 години
Заканите што ги посочува Арсовска за влечење по улици и бришење подови се скандалозни и потврдуваат дека во ВМРО-ДПМНЕ е истата насилничка матрица која граѓаните на своја кожа ја чувствуваа цели 11 години, реагира СДСМ во писмено соопштение, откако вчера скопската градоначалничка Данела Арсовска кажа дека со овие зборови ѝ се заканувал опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
„Навреди, клевети, уцени, закани за физичко насилство, тоа е матрицата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски. Арсовска го обвини Мицкоски за директни закани, а ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на градоначалничката на Град Скопје да се провери дели е психички здрава, тоа говори за нивото на политичка и лична култура на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“,се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека додека Мицкоски и Арсовска меѓусебно се расправаат, се клеветат и се закануваат, граѓаните се тие коишто се игнорирани, а нивните потреби се заборавени.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вчера во гостување на ТВ Канал 5 го обвини лидерот на најголемата опозициска партија во земјава, Христијан Мицкоски оти ѝ се заканувал со зборовите:
„Доколку не го направиш ова, ќе ти се случи тоа и тоа. Во првиот момент кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици, ќе го бришеме подор со тебе, обвини Арсовска.
По нејзината изјава, ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение изрази сомнеж за, како што се вели, психичката состојба на скопската градоначалничка Данела Арсовска. Она што таа го кажа во интервјуто на Канал 5, од партијата го оценија како лага и тешко обвинување и побараа од неа кажаното да го докаже на суд.