Ковачевски: Ако некој се препозна во мојата изјава, го има моето извинување
Два дена од изјавата на премиерот Ковачевски во која без да посочи имиња рече дека има два медиума на едниот уредувачката политика му е како компанија за тргување со енергенси а на другиот му е како да е од центар за комуникации,по бурните реакции пред се на новинарите и нивните здруженија денеска се повлече односно се извини.
Би сакал да повторам дека јас не посочив ниту еден медиум конкретно и тоа може да се потврди преку снимката, од прес конференцијата. Но сепак, ако некој се препозна во мојата изјава и ако е тоа вистина, и ако има потреба од извинување, тогаш го има моето извинување. Морам да сум многу јасен дека не постои професија која јас не ја почитувам и ценам, изјави премиерот.
Јас ја почитувам секоја професија и ја ценам. Во контекст на вашата работа, моето појавување пред јавноста и медиумите е без договор со уредници, никогаш не е барано да се добие какви прашања ќе бидат поставени. Никогаш ниеден медиум не добил од мене и од влада и партијата готов прилог. Никогаш никој не се јавувал кај уредници. Тоа е нашиот принцип на работа. Нема дилеми за тоа. Од прв ден на мојата функција се залагаме за слобода на медиуми и транспарентно работење. Стојам лично зад ставот медиумите да бидат растоварени од какви било политички или друг тип влијанија, рече Ковачевски.