Талибанците го уапсија активистот Матиула Веса, кој се залага за образование за сите
Влијателен активист за образование на девојчиња во Авганистан е приведен од талибанските сили, соопшти денеска дипломатската мисија на Обединетите нации во земјата.

Авганистанскиот активист Матиула Веса (30) е шеф на PenPath, организација која се залага за правото на образование во земјата разурната од војна од 2009 година. Тој бил уапсен вчера во Кабул, јави ДПА.
„УНАМА ги повикува де факто властите да разјаснат каде се наоѓа тој, причините за неговото апсење и да му обезбедат пристап до правен застапник и контакт со семејството“, се вели во соопштението на Мисијата на ОН за помош во Авганистан.
Активистот од Кандахар, родното место на талибанците, тврдеше дека основал тајни училишта за девојчиња и обезбедил образование за илјадници со помош на огромна мрежа на волонтери.
Веса објавуваше кратки видеа од неговите кампањи во кои патуваше од оддалечените области на земјата за да ја промовира јавната свест за важноста на образованието на луѓето во традиционалното општество.
Властите сè уште не дадоа коментар за апсењето на Веса.
Талибанците се вратија на власт со падот на поранешната авганистанска влада во услови на хаотично повлекување на НАТО силите од земјата во август 2021 година.
Оттогаш, талибанците повторно воведоа строги закони и прописи, вклучително и забрана на девојчињата и жените да посетуваат училишните часови по шесто одделение. Оние кои се осмелуваат да ја критикуваат одлуката се уапсени под различни изговори, наведува ДПА.






