Повреден специјалец од „Тигрите“ во касарната „Илинден“ – постапува и обвинител поради тежината на состојбата
Припадник на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ се повредил при управување со мотоцикл во касарната „Илинден“, по што бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Министерството за внатрешни работи го потврди настанот.

Според МВР, повредувањето било пријавено на 19 ноември 2026 година, во 14:45 часот, а на местото бил извршен увид и бил известен јавен обвинител.
„Во однос на наводите за повреден припадник на единицата, известуваме дека на 19.11.2026 г. во 14:45 часот пријавено е дека припадник на САЕ „Тигар“ се повредил при управување со мотоцикл во касарната „Илинден“. Истиот со возило на Итна медицинска помош е пренесен во КЦ „Мајка Тереза“ за укажување помош. Извршен е увид и известен е јавен обвинител“, соопштија од МВР.
Министерството не соопштува со какви повреди се здобил припадникот ниту под кои конкретни околности се случила несреќата со мотоциклот.
Во реакцијата, МВР ги отфрла и информациите дека при организацијата на обуките на „Тигрите“ имало политички влијанија.
„Министерството за внатрешни работи ги демантира информациите за наводни партиски влијанија при организацијата и спроведувањето на обука за САЕ „Тигар““, наведуваат од Министерството. Оттаму посочуваат дека обуките се спроведуваат според утврдени процедури и безбедносни стандарди, во согласност со потребите на специјалните полициски единици.
„Категорично ги отфрламе обидите за политизација на обуките и настаните поврзани со работата на специјалните полициски единици. Сите активности во рамките на обуките се организираат согласно со утврдените процедури, безбедносните стандарди и потребите на единиците“, соопштија од МВР.
Министерството реагира и на тврдењата дека околу 30 припадници ја напуштиле Специјалната антитерористичка единица.






