(ВИДЕО) Колемишевски: Почнав од нула во Канада, а дома ме боли што 35 години се гледаме преку нишан

Одлуката да ја завршам својата политичка кариера беше затоа што сфатив дека јас не припаѓам во политичкиот свет. Јас дојдов од приватниот сектор. Цел живот мојата кариера беше во приватниот сектор. Периодот кога се приклучив во политиката го гледав како една шанса да можам да придонесам со сето мое знаење и искуство да помогнам на Македонија да тргне напред. Но потоа, по мое лично мислење, многу се искомплицираа работите во Република Македонија.

-И бидејќи ги видов и двете страни на масата, значи и приватниот сектор и државниот сектор, и тогаш решив да престанам да се занимавам со политика. А решив да заминам бидејќи во меѓувреме се родија мојата ќерка и мојот син, и одлуката за заминување ја донесов заради нивната иднина, пред се за нивното здравје, за нивното образование и за начинот на култура и во какво општество ќе растат тие понатаму“, изјави бизнисменот и екс-министер Кирил Колемишевски околу тоа што беше пресудно да заврши со политиката и да замине во „белиот свет“.


„Јас во Скопје имав се. Значи бев партнер во адвокатско друштво. Адвокатското друштво имаше седум адвокати. Работевме претежно корпоративно право за странски инвеститори коишто доаѓаа тука, отвораа компании, им помагавме од отворање на фирма, до склучување на договори, да не основаат нивни правен сектор, туку нашето адвокатско друштво беше нивни правен сектор. Бев вклучен и во неколку други бизниси. Не можам да кажам дека Скопје ми беше тесно. Скопје ми беше моја територија, но сепак како татко, бидејќи тоа ми беше најголемата цел во животот – да се реализирам како родител, сфатив дека ништо од тоа што го имам во Скопје, не е побитно од моите деца.

-Затоа на свои 45 години оставив се и тоа во Канада го викаат ‘Скок на вербата’. Отидов во Канада, и реков – што сака нека се случи, мене ми е најбитно да сум до децата.

Во Канада, вели Колемишевски, почнав од нула.

„Тотална нула, бидејќи канадскиот правен систем е многу поразличен од нашиот. Таму не можев да бидам адвокат, ми требаа уште пет години доедукација, па додека го положев нивниот правосуден испит, ќе станев адвокатски приправник на 50 години. Тогаш се решив да положам за агент за недвижности, и првата и основна работа која што почнав да ја работам во Канада – бев агент за продажба и изнајмување недвижности“, вели Колемишевски.

За тоа што значи да се биде туѓинец или странец во Канада, Кирил Колемишевски вели дека Канада е многу сурова.

„Македонците претежно таму се координираат преку црквите. Повеќето од македонската дијаспора се координира преку црквите. Но она што мене многу ме зачуди е колку луѓе од моја генерација се иселиле после 2000-та и 2005-та година. Јас таму ги видов луѓето коишто ги знам од Скопје, а сум немал идеја дека се преселени во Торонто“, вели Колемишевски.

„Канада што се однесува на бизнис е немилосрдна, и конкуренцијата е огромна бидејќи таа е земја на доселеници“, вели Колемишевски.

„Во кој било сектор да сакаш да влезе конкуренцијата е огромна, но јас не сум од оние луѓе коишто чекаат нешто да му падне од небо, туку секогаш интензивно работам на некоја нова идеја, на некој нов проект, нов бизнис. Со вештачка интелигенција (ВИ) почнав уште од самиот почеток кога најавија дека има ВИ. Веќе две години интензивно работам. Завршив преку 30 курсеви, се стекнав со сертификати дека сум спремен да ја користам ВИ. Тука ќе го спомнам и MyCivic. Минатата недела бев на Smart City Expo во Барселона, каде што имаше преку 1000 излагачи од цел свет и заемот беше за паметни градови и сите можни решенија и визии што компании од светот ги нудат за тоа како треба да изгледаат градовите во иднина.

-Ние бевме единствената компанија од Македонија која беше претставена таму. Инаку процесот не е само аплицирај, плати и еве ти штанд, туку комисија оценува дали платформата заслужува дали да биде претставена таму, да не се претставува нешто безвредно. Саемот траеше три дена. Држев и кратка презентација пред меѓународна публика. Им ја претставив платформата. Инаку платформата е интелигентна платформа за управување со градови, каде што луѓето пријавуваат проблеми, преку мобилна апликација. Значи сите можни проблеми што може да се случуваат во градот, оди во еден централен систем на платформата. Платформата рутира директно до службите. Значи нема потреба од телефонски броеви, нема потреба од вртење, од молење, туку се се рутира, се добива точна локација. Може да се оди директно на местото за да се поправи проблемот. Преку платформата може да се додаде плаќање на даноци на имот, може да е купуваат автобуски карти, да се добие лиценца за такси, да се добие дозвола за градба. Значи буквално сите услуги што една општина ги нуди, се е ставено во една платформа и се е дигитализирано. Значи да нема потреба човек да оди на шалтер“, вели Колемишевски.


За тоа каков е пазарот на недвижности во Канада и колку се издвојува за отплаќање на кредити, Колемишевски вели дека пазарот беше добар  до 2022 година додека сѐ уште беа ниски каматните стапки и додека странците купуваа.

„Значи Кинези, Индуси и тн., каде што немаше потреба да имаш канадски пасош. Но после ковидот, од тие ниски каматни стапки, печатење на пари… Националната банка на Канада мораше да ги дигне каматните стапки. Цените на куќите и становите отидоа до плафон и владата на Трудо донесе забрана за купување имоти од странци. Како за пример, еднособен стан со паркинг (околу 40 квадрати) во предградието каде што живеам јас, значи не говорам за центарот на Торонто, почетната цена беше околу 600.000 канадски долари, односно 400.000 евра. Значи околу 10.000 евра беше метар квадратен. Сето тоа почна да се лади, цените почнаа да паѓаат. Каматните стапки исто така паѓаат, но веќе побарувачка нема. Значи многу луѓе ги листаат своите куќи и станови за продажба и има еден куп примери, бидејќи имам пристап до системот. Имам пристап до системот каде што еден човек купил куќа за 2 милиони долари во 2020-та. Каматна стапка му била 2%, а сега каматната стапка му е 6%. Не може да го издржи плаќањето и ја продава за 1.200.000 и многу луѓе стануваат бездомници“, вели Колемишевски.

Прашан како го објаснува феноменот – цената на квадратурата на станови во Македонија оди до небеса, се купуваат станови, а стојат празни, Колемишевски смета дека околу 30.000 станови се празни низ цела Македонија.

„Додека шетате навечер низ Скопје и ги гледате овие новоградби што се изградени последниве 4-5 години и да приметите во колку станови е упалено светлото, ќе видите колку станови се фактички празни. Сега се поставува прашањето кој ги купува тие станови?. Зошто се купуваат тие станови? Тука од кирија не можеш да извадиш некој капитал. Да речеме ако купиш стан од 200.000 евра, колку ќе ти биде рентата во Скопје? 500-600 евра. Значи враќањето на инвестицијата за тој стан ќе биде 23-24-25 години. . Јас тука не гледам никаква економска логика, некој да купи стан за да го рента. Од тоа што сум начул, од тоа што гледам да анализирам, капиталот кој што влегува претежно не е македонски капитал. туку е капитал од надвор, каде што се купуваат станови на големо, се купуваат по 10-20 станови. Најавени се некои фондови кои ќе купуваат 1000-2000 станови, што мене ми е апсолутно нелогично за Македонија. Да е Скопје некаков економски центар, каде што функционираат 5.000 компании, IT компании, или да е огромен индустриски центар, па луѓе да доаѓаат за да најдат работа, тука и би видел некаква економска логика зошто човек би сакал да купи стан во Скопје. Ама немаме ни економија, немаме ни фирми како што треба во Скопје, за некој да даде 200-250.000 евра за стан и тој стан да стои празен“, смета Колемишевски.

За тоа колку е реално асоцијативното приближување на Канада кон ЕУ и како гледа на релациите на Канада со американскиот претседател Доналд Трамп, Колемишевски вели дека актуелниот премиер на Канада ги доби изборите ветувајќи дека ќе постигне договор со САД и дека ќе се избори со Трамп.

„Но како што се знае, во август Трамп воведе дополнителни тарифи кон Канада. Многу далеку се од постигнување на договор, а Канада е многу ранлива, бидејќи 70% од целиот извоз на Канада оди за Америка. Сега Карни пробува да најде нови пазари, но тоа не се прави преку ноќ. И асоцијативното членство на Канада со ЕУ, би почнало само да може Канаѓани да работат во Европа, а европејци да работат во Канада, допрва да се договараат економските релации, затоа што трговската размена меѓу Канада и Америка во овие услови е една. А ако Канада стане асоцијативна членка на ЕУ, тие мора повторно да ги договараат трговските услови врз основа на кои ќе соработуваат, а тоа не е баш така едноставен процес. И бидејќи во ЕУ мора да гласаат сите, веќе прочитав дека Германија и Франција се против тоа, а штом главните две држави на ЕУ се против асоцијативно членство, мислам дека тој процес ќе оди многу тешко“, вели Колемишевски.

Тој додава дека е формирана и канадско-македонска стопанска комора.

„Формирана е и во Велика Британија, Формирана е и во Америка. Тие три комори потпишаа договор за соработка. Активни сме на канадско тло за кората. Активни се и во Америка и во Велика Британија, и контактирам овде во Македонија со наши компании, и гледаме да воспоставиме економски мостови меѓу Македонија, Велика Британија, Америка и Канада. Политиката тука целосно ја исклучуваме. Културата исто така ја исклучуваме, затоа што знае да биде злоупотребена и фокусирани сме само на економските односи“, вели Колемишевски.


Меѓудругото тој додава дека му жал што за 35 години „ние Македонците не успеавме да си подадеме рака“.

„35 години политички и партиски се гледаме преку нишан, или се дочекуваме на нож. Македонија е преубава територија и место за живеење и уверен сум дека за 4-5 години доколку се има волја и доколку се има добра мотивација, Македонија може да биде прекрасна држава за живеење. Јас со таа верба влегов и во политиката и уште верувам дека тоа може да се случи, но она што стварно ми смета кога ќе отворам вести во Македонија се напаѓаме едни со други за најбанални работи. Нема еден демократски дијалог, нема конструктивна дебата. Има расправии и за најситни детали, кај што разумни луѓе би требало да се согласат и да кажат чекајте ова е добро за народот. Многу би сакал да почнеме да се слушаме едни со други. Без разлика кој на која партија припаѓа, да не се гледаме преку нишан, туку некој од позицијата кажал добра идеја, каде проблемот опозицијата да каже ова е добра идеја и ние ќе ја гласаме. Или ако опозицијата даде некоја добра идеја во Собрание или да се стави како дебата по медиуми, па позицијата да каже, добро, вашата идеја е одлична, ајде да ја сработиме заедно бидејќи ова е за доброто на народот. Јас таков пример немам видено. Тоа ми е многу криво. Ми недостига таа политичко-демократска зрелост“, вели Кирил Колемишевски.

Целиот разговор погледнете го во видеото.

.

 

 

Back to top button
Close