Влажни марамчиња, пелени и отпад во шахтите: Водовод повторно интервенираше, блокирана мрежата во Аеродром

Несовесното одлагање отпад во канализациската мрежа продолжува да им создава проблеми на екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кои и денеска интервенирале на повеќе локации низ градот.
Една од интервенциите била реализирана на улицата „Методија Шаторов – Шарло“ во општина Аеродром, каде што екипите отстранувале несоодветно одложен отпад кој го попречувал нормалното функционирање на канализацискиот систем.
Од претпријатието посочуваат дека ваквите ситуации постојано се повторуваат поради неодговорното однесување на граѓаните и фрлањето несоодветен отпад во канализацијата.
Оттаму упатуваат апел до граѓаните да не ги користат канализациските шахти за одлагање отпад.
Влажните марамчиња, пелените, хигиенските производи и останатите отпадоци треба да се фрлаат во корпите за отпадоци, а не во канализациската мрежа.
Од ЈП „Водовод и канализација“ нагласуваат дека со поголема свесност и одговорност од секој граѓанин можат да се спречат затнувањата и да се обезбеди непречено функционирање на канализацискиот систем.






