Потребно е да се обезбедат дополнителни 19.000 места во градинките

На Светскиот ден на детето, денес Македонската берза симболично заѕвони за правата на најмладите, испраќајќи порака дека грижата за децата мора да биде дел од секоја важна општествена и економска одлука.
УНИЦЕФ предупредува дека помалку од половина од децата до шест години во Македонија се опфатени со предучилишно образование, а особено се погодени оние што доаѓаат од семејства и заедници во неповолна положба.
– Advertisements –
На настанот „Ѕвониме за децата“, организиран од УНИЦЕФ и Македонската берза, претставници на институциите, граѓанскиот сектор и бизнис-заедницата разговараа за потребата од поголеми инвестиции во раниот детски развој, образованието и грижата за децата.
Акцијата е дел од глобална иницијатива што ја истакнува одговорноста на компаниите и инвеститорите да ги земаат предвид детските права при носењето деловни одлуки.
За да се достигне националната цел од 65 проценти опфат на децата со предучилишно образование до 2032 година, потребно е да се обезбедат дополнителни 19.000 места во градинките.
УНИЦЕФ посочува дека тоа бара континуирани јавни инвестиции, нови модели на финансирање и посилна соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
– Во услови кога бројот на деца се намалува, потенцијалот на секое дете е поважен од кога било – порача Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Таа нагласи дека вложувањето во најраните години носи придобивки не само за децата, туку и за семејствата, жените, компаниите и целото општество.
На настанот присуствуваа и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Тие ја истакнаа важноста од проширување на пристапот до квалитетно предучилишно згрижување и образование. Јаневска порача дека правата и потребите на децата треба да бидат дел од сите општествени одлуки, вклучително и деловните и инвестициските.
Поддршката за децата, според учесниците, не завршува со отворањето нови градинки, туку важни се и политиките на работното место што им помагаат на родителите, одговорните деловни практики и создавањето средина во која секое дете ќе има можност да учи, да се развива и да го достигне својот потенцијал.






