Трамп се заканува со високи даноци за американските фирми што градат центри за податоци во странство

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес се закани дека ќе наметне високи даноци и други финансиски казни за американските компании што градат центри за податоци во странство, велејќи дека сака ваквите објекти да се градат исклучиво во САД.
„Нема да дозволиме нашите компании да градат центри за податоци надвор од нашата земја. Нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа, објави Блумберг.
Тој предупреди дека компаниите што инвестираат во изградба на вакви објекти во други земји ќе се соочат со „огромен данок“.
„Ако го сторат тоа, ќе им наметнеме огромен данок. Сакаме да градат тука“, рече американскиот претседател.
Американскиот претседател оцени дека САД веќе заостануваат во одредени стратешки индустрии поради тоа што им дозволиле на компаниите да го преместат производството на полупроводници во странство.
„Почнавме да заостануваме кога дозволивме чипови и други работи да се произведуваат надвор од нашата земја. Тоа беше многу штетно за нашата земја“, рече Трамп.
Тој истакна дека голем број центри за податоци веќе се изградени во САД и повтори дека нема да дозволи американските компании да развиваат такви капацитети во други земји.
Трамп предупреди дека Кина би можела да преземе водечка улога во оваа област ако им се дозволи на американските компании да инвестираат во изградба на центри за податоци во странство.
„Не дозволуваме центрите за податоци да одат во други земји, бидејќи Кина ќе преземе сè. Нема да дозволиме тоа да се случи и ќе им наметнеме огромни казни на компаниите што ќе се обидат да го сторат тоа“, рече Трамп.
Американскиот претседател ги повика граѓаните да ја поддржат изградбата на центри за податоци во нивните локални заедници, но и да бараат финансиски бенефиции и концесии за локалното население од инвеститорите.
„Треба да ги искористите бенефициите што ги носат центрите за податоци. Побарајте од нив да ви платат, да ја платат вашата заедница, но не ги отфрлајте“, рече Трамп.






