Кога чесниот станува колатерална штета не страда само единката, туку и општеството

Почитувани читатели,

Живееме во плуралистичко општество, во повеќепартиски систем. Современиот свет го прифати плурализмот како еден од најдемократските модели на владеење. После 35 години негово практикување во Македонија, имаме право да поставиме едно едноставно прашање, а тоа е што добивме ние, граѓаните, од тој систем и дали можевме многу повеќе?

Мојот одговор е можевме.

Литванија, Латвија и Естонија, како и Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, поминаа низ сопствени тешки транзиции, влегувајќи во нови политички и економски системи приближно во истиот историски период. Сепак, успешно создадоа далеку посилни економии и повисок животен стандард. Денес разликата е очигледна. Според податоците на Светската банка, БДП по жител во овие земји е повеќекратно повисок од македонскиот. Каде сме ние?

Наместо по 35 години да зборуваме за резултатите на една успешна транзиција, сè уште разговараме за иселување, ниски примања, задолжување, нефункционални институции, проблеми во здравството, образованието и правосудството. Плурализмот сам по себе не создава демократија и благосостојба. Нив ги создаваат институциите, одговорноста и луѓето кои знаат зошто ја добиле власта.

Водечките политички партии во Македонија не успеаја да создадат континуитет на влади и тимови кои економски ќе ја трансформираат земјата. Кога економијата не создава доволно нова вредност, последиците ги чувствуваме насекаде, во стандардот на граѓаните, образованието, здравството и, најболно, во одлуката на младите својата иднина да ја бараат надвор од Македонија.

Уште потешко е кога во еден плуралистички систем криминалот и корупцијата почнуваат да ја поткопуваат самата смисла на демократијата. Во јавноста и во различни меѓународни анализи со години се споменуваат огромни износи на капитал изнесен од Македонија преку незаконски или сомнителни финансиски текови, вклучително и проценки од околу 15 милијарди евра во подолг временски период. Ако се точни тие проценки, тогаш прашањето не е само каде се парите, туку како е можно таков капитал да исчезнува од една мала економија без соодветна политичка и институционална одговорност?

Не е случајност што меѓународните извештаи и денес укажуваат на сериозни проблеми со корупцијата, независноста на правосудството и политичките притисоци врз институциите. Европската комисија во извештајот за владеење на правото за 2026 година повторно наведува сериозна загриженост поради притисоците врз независноста на судството и ризиците од политизација.

Затоа, кога зборувам за „квази плурализам“, не мислам дека треба да се откажеме од демократијата. Напротив. Треба конечно да почнеме вистински да ја практикуваме. Демократија без одговорност лесно станува само борба за власт. Во изминатите 35 години со Македонија доминантно управуваа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Граѓаните имаат право да прашаат што е суштинскиот резултат од тие три и пол децении. Наместо натпревар кој ќе создаде подобра економија, подобро образование, подобро здравство и посилни институции, премногу често гледаме политичка омраза и меѓусебни пресметки.

Најголемата опасност не е кога две партии се напаѓаат. Најголемата опасност е кога државата останува иста без разлика која од нив е на власт.

Цената за тоа не ја плаќаат партиските централи туку ние, граѓаните. Ја плаќа претприемачот кој не знае дали правилата утре ќе бидат исти, лекарот кој заминува, професорот кој ја губи вербата во системот, ја плаќа младиот човек кој купува билет во еден правец. За жал, ја плаќа чесниот граѓанин кој верувал дека трудот, знаењето и интегритетот ќе бидат доволни.

Кога чесниот човек станува колатерална штета на системот, штетата не е само негова. Тогаш целото општество губи знаење, искуство, доверба и достоинство.

Не сум единствениот кој бил погоден од политички кујни и интереси. Токму затоа сметам дека е време да престанеме да зборуваме само за поединечните неправди и да почнеме да зборуваме за системот кој ги произведува. Македонија нема недостаток од паметни, образовани, искусни и чесни луѓе. Имаме недостаток од систем кој ќе ги постави тие луѓе таму каде што можат да ѝ служат на државата, без да мора претходно да докажуваат партиска послушност.

Партиската книшка не може да биде повредна од знаењето, а лојалноста кон партијата не смее да биде повредна од лојалноста кон државата.

Нашата економска слабост дополнително нè прави зависни. Држава која постојано мора да излегува на финансиските пазари и да позајмува за да го одржува сопственото функционирање не може бесконечно да ја одложува сметката за идните генерации. Европската Унија не бара земја која само ќе бара помош туку функционална држава, економија која може да се натпреварува и институции на кои може да им се верува.

На Европа не ѝ треба уште еден зависен клиент. Ѝ треба партнер. А партнер прво мораме да станеме самите со себе.

Што треба да направиме?

Верувам дека на Македонија ѝ е потребно суштинско општествено будење и јасна визија околу која ќе можат да се соберат добронамерни, способни, чесни и стручни луѓе, без оглед на нивната сегашна или поранешна партиска припадност. Дали тоа ќе биде ново движење, нов политички субјект или темелна промена во постојниот систем е прашање за кое треба сериозно да разговараме.

Едно е сигурно, истите навики не можат да произведат поинаква Македонија.

Време е да престанеме да ја бараме вината само кај другиот политички табор. Државата не се менува со замена на една партиска боја со друга, туку со промена на стандардите по кои се избираат луѓето, се водат институциите и се троши јавниот денар. Не барам совршено општество. Барам држава во која чесноста нема да биде слабост, стручноста нема да биде пречка, а човекот без партиска заштита нема да биде колатерална штета.

Ако продолжиме да ги губиме чесните и способните, еден ден нема да биде најголем проблем кој владее со Македонија туку кој остана да ја гради?

Следната колумна ќе ја посветам токму на базичните стратешки чекори што, според мене, Македонија мора да ги направи ако сака да излезе од овој круг.

Време е да престанеме да го менуваме само оној што владее. Време е да го промениме начинот на кој се владее.

 

Back to top button
Close