Болсонаро итно пренесен во болница: Нагло му се влошила здравствената состојба
Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, е хоспитализиран откако ненадејно почувствувал силни болки во стомакот, а лекарските прегледи покажале речиси целосна цревна опструкција, соопшти денеска неговиот син Карлос Болсонаро.

Карлос Болсонаро на социјалната мрежа Икс (X) објави дека неговиот татко ненадејно добил силни болки во стомакот, по што бил итно пренесен во болница.
Во дополнителна објава тој опишал дека по пристигнувањето во болницата, Болсонаро имал изразено надуен стомак, што предизвикувало притисок и силни болки.
Според неговите зборови, по лекарските прегледи и дијагностичките испитувања била потврдена речиси целосна опструкција на цревата.
Лекарите започнале терапија со лекови со цел да го решат проблемот без потреба од инвазивна медицинска интервенција.
Карлос најавил дека нови информации за здравствената состојба на неговиот татко ќе бидат објавувани во текот на наредните часови.
Тој изразил загриженост за здравјето на татко му, тврдејќи дека неговата состојба се влошува поради ограничената подвижност и психолошкиот притисок на кој е изложен за време на престојот во затвор.
Исто така, ги критикувал судските ограничувања за посети, наведувајќи дека му е дозволено да го посетува татка си двапати неделно, по два часа.
Карлос Болсонаро оценил дека неговиот татко е изложен на политички прогон и повторно ги изнел тврдењата дека целта на властите е да го убијат.
Жаир Болсонаро се наоѓа во домашен притвор, откако Врховниот суд на Бразил во септември 2025 година го осуди на 27 години и три месеци затвор поради обид за државен удар по изборите во 2022 година.






