Полицајци во Белград кршеле прозорци за да извлечат заробени возачи од потопените автомобили
“Двајца полициски службеници ризикувале сопствената безбедност за да спасат луѓе заробени во автомобили кои речиси целосно биле потопени во надојдената вода на улиците во Белград. Кога виделе дека возачите и патниците не можат да излезат од возилата, веднаш влегле во водата и почнале да им помагаат. Во една од ситуациите морале да ги скршат прозорците на автомобилот бидејќи сите четири врати биле блокирани.

Бојан Ковчиќ и неговиот колега Никола, по завршувањето на смената во средата вечерта, се нашле во подвозникот кај Итната медицинска помош во Белград. Кога забележале дека луѓе се заробени во надојдената вода, веднаш реагирале.
„Истрчавме од нашето возило, влеговме во водата и им помагавме на луѓето кои се најдоа заробени“, раскажува Бојан.
Тој објаснува дека на едно од возилата сите четири врати биле блокирани, поради што морале да ги скршат прозорците за да го извлечат возачот. Во текот на тој ден успеале да спасат четири лица.
„Не размислувавме многу, тоа е наша задача“
„Искрено, не размислувавме многу. Штом се најдовме во таква ситуација, веднаш притрчавме на помош. Не само на тој човек, туку и претходно на две жени кои беа во опасност, како и на уште едно момче. Водата им беше стигната речиси до покривот на автомобилите“, вели Бојан.
Бидејќи двајцата се полициски службеници, тој посочува дека нивна должност е да им помагаат на луѓето секогаш кога се во можност.
Пред само два дена улиците во Белград беа под вода поради обилните врнежи од дожд. Експертите предупредуваат дека во вакви ситуации возачите треба да избегнуваат улици кои редовно се поплавуваат при посилни врнежи, доколку не е неопходно да поминуваат низ нив. Еден од таквите ризични делници е токму подвозникот кај Итната медицинска помош.
Посебна претпазливост за возачите на електрични и хибридни автомобили
„Првата препорака до сите возачи кои ќе наидат на надојдена вода е, доколку се на суво, што побрзо да се свртат и да побараат алтернативен пат или да го запрат возилото, со цел да избегнат дополнителен риск“, објаснува Петар Величковиќ од порталот „Половни автомобили“.
Доколку возачот се најде во колона среде длабока вода, советот е најпрво да ги повика пожарникарите-спасители.
Посебно внимание треба да посветат и сопствениците на електрични и хибридни автомобили. Пред повторно полнење на возилото, потребно е да го однесат во сервис за да се провери дали водата навлегла во електричните инсталации. Во спротивно, постои опасност од краток спој, па дури и од пожар.






