Лукровски побарал средба со Бужаровска која го искритикува оти ќе избира мисица на Карпош
Ќе се одржи ли Мис Карпош?
Градоначалникот ми прати порака со навистина учтива покана да се сретнеме идната недела и да поразговараме за „општествени теми.“ Сепак, не гледам зошто јас како жителка од Карпош и јавна личност треба да се среќавам со градоначалникот откако јавно го искритикував за неговиот план да одржи „Мис Карпош“ по повод прославата за 50 години постоење на општината.

Не сакам лично да му одговарам, зашто не сакам да имам однос со него како приватно лице, туку како мој градоначалник, па затоа јавно ќе му го кажам моето мислење, зашто ова прашање е од јавен, а не приватен интерес.
Почитуван градоначалнику, манифестација за избор на Мис е недолична за една општина. Со други зборови, навредливо општината да е домаќин на настан кој ја оценува привлечноста на младото женско тело и дава мислење дали некоја девојка е убава или не. Ваквата манифестација е уште пострашна во очи на седмиот фемицид во Македонија и пријави за претепани девојки фрлени на улица, за полицајци што не постапуваат и за насилници што шетаат слободно. Билтенот на МВР е страшен, со 70 отсто зголемени пријави за семејно насилство во однос на минатата година. Наместо да ги парадирате жените како месо, заштитете ги и поддржете ги.
Од вас очекуваме да го откажете Мис Карпош што треба да се одржи идната сабота (и не само да го одложите). Очекуваме да се занимавате со безбедноста на жителките на Карпош: функционално осветлување на улиците, хигиенски услови за девојчињата во училиштата, работење против семејното насилство како и насилството што ни се случува во јавниот простор – еве само дел од работите што ни се битни, а ги има многу.
Убаво е што за идниот вторник закажавте панел за родовото насилство, откако бевте повикани дека не сте го одржале тој што го ветивте по смртта на Ивана и Катја. Тоа е за поздрав.
Но доколку го одржите Мис Карпош, не се сомневајте дека ќе имате силна реакција.
Румена Бужаровска
Фејсбук статус






