ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ бегаат од хрватскиот модел како ѓавол од темјан
Иако тие самите, ДУИ и СДС, во неколку наврати изминатата година јавно кажуваа дека хрватскиот модел е прифатлив и добар за да се имплементира сега ретерираат. И самиот Димитар Ковачевски, како и Бујар Османи јавно истакнаа дека овој модел е добар, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека откако тие побарале примена на хрватскиот Устав, „фолирантите“ од СДС и ДУИ избегаа од примената на хрватскиот модел за промената на Устав иако тие го предложија, со што се паднале маските и се покажало вистинското лице на владината коалиција.
„Хрватскиот Устав е Устав на земја членка на ЕУ и ги гарантира правата на сите малцинства, и ВМРО-ДПМНЕ смета дека пресликување на истиот може само да ја зацврсти нашата посветеност кон ЕУ и нејзините стандарди“се вели во соопштението.
Во соопштението се вели дека ДУИ и СДСМ иако предлагале уставни промени по хрватски терк, модел од земја членка на Европската унија, сега го одбиваат и бегаат како „ѓавол од темјан“.
Инаку претходно, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека е подготвен да се соочи на дуел или на лидерска средба со премиерот Димитар Ковачевски за да го објасни предлогот што го понуди неговата партија, односно Преамбулата на македонскиот Устав да биде по моделот на Република Хрватска.
„Јас сум подготвен да го објаснувам овој наш предлог пред секого и секаде и тука немам никаква дилема. Така што, ако бидам поканет на една таква лидерска средба, без разлика кој ќе ја организира, ќе појдам и ќе го образложам овој предлог. Немам што да кријам“рече опозицискиот лидер.
Мицкоски е подготвен на лидерска средба или на дуел да го објасни предлогот за промена на Уставот по хрватски модел
Мицкоски ја повика власта да се одважи и да го прифати консензусот за хрватскиот модел кој, како што додаде, самата го посочуваше. Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ѝ стои на располагање на власта по однос на ова прашање кое, како што рече, може да се искомуницира на лидерска средба.
Но, премиерот Ковачевски одби оддржување на лидерска средба или пак дуел со неговиот опонент, а за хрватскиот модел, кажа дека земјава има и македонски модел за уставни измени и оти обврска на сите политички партии е да ги поддржат ваквите стратегиски одлуки важни за државата.
Имаме и македонски модел за уставни измени, рече Ковачевски за тоа дали е прифатлив хрватскиот пример