Ковачевски за предлогот за менување на грбот: Опозицијата да ги достави предлозите до Комисијата
Опозицијата слободно може да ги достави своите предлози до Комисијата за уставни прашања која ќе биде формирана во Министерството за правда и таму ќе се разговара, изјави денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашањето во врска со предлогот на универзитетскиот професор по уставно право Александар Спасеновски за менување на актуелниот државен грб.
Премиерот потенцираше дека сме членка на НАТО, иако опозицијата не даде поддршка, а како што рече, наскоро ќе станеме и членка на ЕУ.
– Слободно нека ги донесат сите свои предлози во Комисијата за уставни прашања која ќе биде формирана во Министерството за правда и таму ќе може да се разговара бидејќи гледаме, опозицијата ставовите дневно ги менува. Дали има легитимитет нашето членство во НАТО ? Има, иако опозицијата не го поддржа. Ќе станеме членка на ЕУ и јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Опозицијата не го поддржа ни договорот ФРОНТЕКС за којшто утре почнува имплементацијата, каде за првпат имаме македонски јазик со сите други јазици на ЕУ. Опозицијата ни тоа не го поддржа, рече Ковачевски.