Украински војници ќе се обучуваат на македонска територија?
Многу е веројатно во блиска иднина украински војници да се обучуваат на територијата на Северна Македонија. Ваква можност најавила македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска за време на министерскиот состанок на Контакт-групата за Украина кој се одржува во Рамштајн, Германија. Поконкретно, се анализира можноста тренинзите да се изведуваат на полигонот Криволак, и тоа за неколку стотици украински војници. Обуката би се одвивала во текот на летото. Конечна одлука се очекува во следниот период.
На состанокот, министерката Петровска потенцирала дека со донациите на воена опрема, Северна Македонија на дело покажала дека останува посветена во поддршката на суверенитетот и интегритетот на Украина.
„Северна Македонија е солидарна со Украина, нејзините граѓани и нивната храбра борба за одбрана на својата држава. Мораме да останеме цврсти во нашата посветеност за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Веруваме дека не постои алтернатива на давањето целосна поддршка на Украина и нејзиниот народ“,
истакнала министерката Петровска на состанокот на Контакт-групата.
На состанокот, како што се наведува во соопштението од Министерството за одбрана, кој бил поделен во три сесии, едногласно е изразена поддршката за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
На министерскиот состанок на Контакт-групата за Украина, додаваат од Министерството за одбрана, воведно обраќање имале секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, и министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников. Притоа, со свои обраќања се вклучиле и голем број министри за одбрана на земји членки и партнери на НАТО и Европската Унија, високи воени претставници, како и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.