Коридори: Владата спремна да ги отвори „картите“
Владата е подготвена афирмативно да одговори на барања на пратениците и да им овозможи во која било собраниска Комисија да се запознаат со договорот со „Бехтел и Енка“, најави првиот вицепремиер Артан Груби.
„Целиот Управувачки комитет, кој бил назначен да ги води преговорите за да ѝ предложи на Владата да се потпише тој договор, е подготвен да рапортира пред пратениците и да одговори на сите нивни прашања и да го претстави Договорот во неговата целина. Нема што да криеме, нема ништо скришно, нема ништо страшно за државата, напротив“, рече Груби во интервју за „Инфомакс“.
Според него, нема и ништо невообичаено во третманот на овој договор, бидејќи тој не е државна тајна, но имал степен на доверливост исто како и сите други договори досега.
„Сите договори со сите други компании, имаат степен на доверливост и тоа не е пракса само за овој договор (со Бехтел и Енка – н.з.), туку за сите други. Единствен договор којшто е објавен, е всушност договорот за кинескиот автопат (со „Синохидро“- н.з.), затоа што целиот договор беше преточен во закон, претставен во Собранието и усвоен од Собранието“, рече Груби.
Во однос на критиките од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека таа своевремено не номинирала член во Управувачкиот комитет, но дека немала ништо против „да се тера работата“.
„Опозицијата беше поканета да учествува во преговорите, беше поканета да биде член во Управувачкиот комитет. И ако ја видите одлуката, празно место останува. Тогаш ни кажаа – ‘терајте си ја таа работа, ви дадовме ние наша поддршка при усвојувањето на законот во Собранието, толку од нас, истерајте си ја оваа работа’. Баш буквално со овие зборови“, изјави Груби.
На прашање од кого била дадена таква бланко поддршка, Груби го посочи партискиот претседател, Христијан Мицкоски.
Прашани за ова тврдење на вицепремиерот, од ВМРО-ДПМНЕ за ДВ изјавија дека нема да коментираат лаги.
„Факт е дека Груби и Ковачевски се во специфична состојба, бидејќи секој ден излегуваат детали од штетниот договор за државата и граѓаните, кој го прифатиле и потпишале, а за кој постои основано сомневање дека е историски криминален. Оттука, тие сега се трудат да ги растурат пердувите и со невистини да ги инволвираат сите кои жестоко се борат против и го разобличуваат тој криминал. Тоа што до вчера го прикажуваа како историски процес, сега стана историски криминал. И ние лагите на Груби и Ковачевски нема да ги коментираме, туку ќе се бориме против нивниот криминал за што ќе има и одговорност многу брзо“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поддржан или игнориран?
Предлогот за донесување Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридорот 10д, беше поднесен од пратеници од владејачкото мнозинство на крајот од јуни 2021 година. Процедурата се водеше по скратена постапка и веќе на 15-ти јули специјалниот закон беше усвоен со 55 гласови „за“ од 101 присутни пратеници, без „воздржани“ и „против“, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ одлучи воопшто да не гласа.
Тоа беше аргумент и во одговорот од Кабинетот на претседателот Пендаровски, по повикот од ДКСК и од невладини организации да не го потпишува Указот за прогласување на тој Закон.
„Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник, или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти“, беше наведено во соопштението.
ДКСК го оспори законот пред Уставниот суд, но судот со мнозинство гласови (и едно издвоено мислење) донесе решение да не поведе постапка.
Дека за ВМРО-ДПМНЕ било резервирано место во Управувачкиот комитет, сведочи записникот од 127-та седница на Владата одржана на 14 декември 2021 година, кога се расправало за точката 85 (Информација за конституирање на Комитет за преговори и Преговарачкиот тим за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8и Коридорот 10д).
Во заклучот пишува: „Владата заклучи Генералниот секретаријат на Владата да ги извести Собранието на РСМ и најголемата опозициска партија дека е формиран Комитет, во чиј состав е и претставник од најголемата опозициска партија во Собранието, со барање за номинација на член“.
Но, од друга страна, во архивите сѐ уште фигурираат критиките на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за донесувањето на Законот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридорот 10д, со изјави „дека ниту еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ не гласал за него, затоа што немало реална аргументација од власта“.
Во текот на расправата пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, побара законот да биде повлечен, затоа што смета дека во него треба да се подобрат многу работи, бидејќи со понудената содржина ќе предизвика многу проблеми при реализација на проектите.
„Ова е закон кој ќе чини стотици и стотици милиони евра. Ваквиот закон ќе има многу проблеми, како во администрацијата при решавање на тековните работи. Ако е стратешки договор, зошто нема меѓународен договор меѓу две земји, иако постои меморандум за соработка“, реагирал Мисајловски.
Ќе се знае за секој потрошен денар
Пред два дена, на 22-ри април, започна реализацијата на Договорот, но не со почеток на изградба, туку како што соопшти Министерството за транспорт и врски, почнале само подготвителните активности: за снимање на теренот, за подготовка на урбанистички и основни проекти, со цел да се почнат и постапките за експропријација и проектирање. Паралелно со тоа започнала и мобилизација на персонал за работа, подготовка на локации за поставување на кампови за градежната оператива, анализа на трасата и можни дислокации на подземни и надземни инсталации и подготовка на постапки за вршење на геотехнички истраги.
Според министерот за транспорт, досега не биле исплатени средства кон компанијата, но во иднина секој потрошен денар транспрентно ќе бил објавен.
„Првата исплата на средства би била авансот за отпочнување на градежните работи и секој исплатен денар кој ќе биде од страна на Владата и државата кон ЈП за државни патишта, а потоа и кон изведувачот, ќе биде објавен на сајтот на јавни финансии“, најави Бочварски.