Пијан ресенчанец предизвикал сообраќајка во која загина жена, обвинителството поведе постапка
Обвинителството соопшти дека подигнало обвинение против жител на Ресен, кој како возач на патот кон Битола, управувајќи автомобил „Мерцедес“, предизвикал сообраќајка во која загинала жена, а тешко бил повреден маж, двајцата жители на Ресен.
„Осомничениот, на 23 април, како учесник во сообраќајот на магистралниот пат А3 Битола – Ресен, управувал автомобил „Mерцедес“ со ресенски регистарски таблички во насока од Битола кон Ресен. Но, притоа не се придржувал кон одредбите за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно возилото го управувал со недозволено количество на алкохол од 0,67 промили алкохол во крвта. Освен ова, тој не го држел автомобилот во движење блиску до десниот раб на коловозот. Кога дошол на критичното место, на околу 700 метри од местото викано „Кај чешмите“, со возилото преминал преку надолжната средишна неиспрекината линија на левата коловозна лента, гледано во насока на неговото движење. Во таа коловозна лента во спротивна насока, движејќи се од Ресен кон Битола, наидувало возило „Сеат Ароса“ со ресенски регистарски таблички во кое имало две лица“, велат од ЈО.
„При судир на двете возила, оштетената-возач на автомобилот „Сеат Ароса“ се здобила со тешка телесна повреда од која веднаш починала, додека нејзиниот совозач се здобил со телесна повреда. Надлежниот јавен обвинител уште при извршениот увид на лице место даде наредба за обдукција на телото на починатата и други наредби потребни за обезбедување на трагите и доказите. Основното јавно обвинителство Битола до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомниченото лице, поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и вештаците и можност да го повтори кривичното дело“, соопшти Обвинителството.