ВМРО-ДПМНЕ тврди дека има план да ги надомести штетите од договорот со „Бехтел и Енка“

Портпаролот на партијата зборуваше и за вчерашните преписки на партијата со првиот вицепремиер Артан Груби во однос на искуството на Србија со „Бехтел и Енка“ за што порача дека тоа што Артан Груби се восхитува на Александар Вучиќ, не му дава за право да менува факти, да манипулира и да лаже.

Во нова серија прозивки меѓу власта и опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека актуелната Влада оставила само две опции за тоа како понатаму да се развиваат настаните во врска со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д. Меѓутоа, од опозициската партија велат имаат план како да ги надоместат последиците алудирајќи на пеналите кои, тврдат, ќе се плаќаат во стотици милиони евра бидејќи проектот ќе се продолжи за уште две години заради тоа што не се промениле законите што власта ветила дека ќе ги промени.

„Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ по вака потпишан договор има две опции:

Првата, е да се раскине договорот, пред судот во Париз да се изгуби по прифатените закони на Англија и Велс. Тоа ќе чини стотици милиони евра штета, но без квадрат поставен асфалт!;

Втората, да се зачува суверенитетот, да се зачува Уставот и законите и автопатот да се заврши во рамки на македонските закони и македонските процедури! Така би се продолжило времето на изградба, но и сумата, заради катастрофалниот договор и обврските преземени од крими владата на ДУИ и помалиот партнер СДС.

ВМРО-ДПМНЕ има план како сето тоа да го надомести“рече денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој зборуваше и за вчерашните преписки на партијата со првиот вицепремиер Артан Груби во однос на искуството на Србија со „Бехтел и Енка“.

Тоа што Артан Груби се восхитува на Александар Вучиќ и на Република Србија, рече Стоилковски, не му дава за право да менува факти, да манипулира и да лаже.

„Прво, Србија распиша тендер за автопат за којшто ги споредува Груби двата договори, и овозможи експропријација и т.н. брза трака за документи. Но, не и промена на закони спротивно на Устав, не go изедначува на легалното со дивоградбите, нема газење врз археолошки локалитети, и секако не со пенали од над 100-тици милиони евра! И секако, со позната траса, со познат проект, без газење на законите за урбанизам и за градење! Автопат во Србија, 112 километри, широк 30 метри, со 139 објекти на него, 84 моста, 26 надвозници, 3 подвозници, 10 раскрсници познати како петљи, по три одморалишта и паркинзи. Но и регулација на реката Морава и нејзините притоки, и изградба на телекомуникации по самиот автопат. Сето тоа, по 7 милиони евра по километар во Србија, а во договорот на Груби по 20 милиони евра за Македонија со многу помалку ставки! Толку од споредбата со Србија, идеалот на Артан Груби!“рече Стоилковски.

Back to top button
Close