Биљана Ангелова е нов ректор на УКИМ

Професорката Биљана Ангелова од Економскиот институт е нов ректор на УКИМ, неофицијално дознава „Фокус“.
Таа денес убедливо ги победила останатите пет кандидати, кои ја водеа битката за иден ректор на УКИМ.
Ангелова во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.
Во периодот 2006 – 2008 година била раководител на втор циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Била прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт.
Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Комисијата за издавачка дејност на Универзитетот.
Ангелова е втората жена-ректор на УКИМ. Единствена ректорка на УКИМ досега била проф. д-р Радмила Кипријанова, и тоа во два мандата, во периодот од 1994 до 1998 година.






