Синодот на МПЦ-ОА им определи епархии на архијерејите на поранешната ПОА

 

Со ова се официјализира припојувањето на ПОА на Јован Вранишковски со МПЦ-ОА кое требаше да биде потврдено на денешната седница на Синодот на Македонската православна црква.

На својата редовна седница во пленарен состав, Синодот на МПЦ-ОА одлучи:

  • Крушевско-демирхисарската епархија ќе ја предводи митрополитот г. Јован, со титула митрополит крушевско-демирхисарски;
  • На чело на Дељадровско-илинденската епархија ќе застане епископ г. Јоаким, со титула епископ дељадровско-илинденски;
  • Делчевско-каменичката епархија ќе ја предводи епископ г. Марко, со титула епископ делчевско-каменички и
  • Епископот г. Давид е назначен за викарен епископ на Скопската епархија, со титула епископ дремвитски.

Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски на 5 јуни годинава беше припоена со Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) за време на светата архијерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Литургијата со која чиноначелствуваа поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, и поглаварот на СПЦ, г.г. Порфириј, се одржа по повод годишнината од врачувањето на актот за автокефалност кој минатата година српскиот патријарх му го врачи на архиепископот охридски и македонски, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу црквите.

 

Back to top button
Close