Како „Мал битолски Монмартр“ ја пречекори ликовната граница и премина во политиката

Кој е Славчо Неделковски, битолчанецот кој децата од „Малиот битолски Монмартр“ само во последната година ги однесе во Бугарија на средби со царот Симеон Втори и претседателот Румен Радев. Неделковски од пред неполни две години е претседател на УО на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола, откако почина творецот на „Мал битолски Монмартр“ Коста Хаџи-Антоновски. Неделковски заедно со ќерката на Хаџи-Антоновски, Елена, сега го водат Детското ликовно студио и ги организираат „Мал битолски Монмартр“ и Светската детска ликовна изложба – „Битола“, пишува Независен.

Неделковски на социјалните мрежи се „расфрла“ со прилично впечатлива биографија, дури и спектакуларна, во делот на образованието и работните задачи што ги извршува.

 

Така на LinkedIn, платформата за социјални медиуми фокусирана на бизнис и вработување, Неделковски пишува дека, ни повеќе ни помалку, тој е советник за надворешни работи во Стејт департментот на САД веќе 13 години и седум месеци!?. Во американската амбасада во Скопје немаат информации дека личност со такво име и презиме работи како советник во Стејт департментот.

 

Во информациите за неговата едукација стои дека студирал осум години психологија и управување со човечки ресурси во јавна администрација на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, од 2000 до 2008. Исто така, пишува дека во истите тие години студирал и политички науки и безбедност на владини системи на Стенфорд.

Во разговор со нашиот дописник од Битола, Неделковски вели дека бил „политиколог по струка“, за најпосле да каже дека ништо од тоа што е напишано не е негово официјално образование. Неделковски вели дека на социјалните мрежи секој може да напише што сака.

„Ќе разговараме кој сум јас. Ќе разговараме кога ќе средам овде каде што седам на местото. На Фејсбук, на социјални мрежи, многу јаки работи“, одговара Неделковски за „Независен“ и го блокира нашиот пристап на неговиот профил на LinkedIn. Прашан зошто го направил тоа, тој само се заблагодари што сме се сретнале претходниот ден.

Она што боди очи во последните гостувања во Бугарија на Неделковски и Хаџи-Антоновска со децата од „Мал битолски Монмартр“, е што во јавноста се пласираат многу фотографии од нашите деца со бугарските политичари што го отвора прашањето дали има злоупотреба на децата во политички цели? Лани наши деца се сликаа со бугарскиот цар Симеон Втори (кога јавноста беше разбранувана од отворањето на бугарските клубови во Македонија), а сега и со претседателот Румен Радев.

Повеќе

Back to top button
Close