КАМШИКАРОТ ТРОКИРА
Кога ги слушам вработените на судската администрација кои бараат повисоки плати како се закануваат дека „не ќе можете да извадите ниту една потврда, па ќе видите тогаш“, се прашувам: Кому се закануваат дека нема да издаваат потврди за неосудуваност? Нам ли ни се закануваат? Исто како што ни се закануваат цариниците дека ќе ги затворат границите и вработените од УЈП дека нема сите да земеме плати?
Забораваат дека се јавна служба. Забораваат дека се сервис на граѓаните. Такви закани испраќајте си во партијата каде што сте лепеле плакати за да ја добиете државната работа.
Владата го врати во процедура Законот за солидарен данок, за компаниите кои во ковид кризата направиле профит од 10 милиони евра. На истата седница, донесе одлука на јавната администрација од септември да ѝ ја покачи платата за 10 проценти и да ѝ исплати К-15 од 10.000 денари до крајот на годината. А министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека парите од солидарниот данок ќе ги потроши за развој. Овој закон нема да биде дел од даночниот систем, туку ќе важи само оваа година и ќе се протурка со европско знаменце за побрзо да легнат парите. Работава е – ај да не ви праќаме инспекции по фирмите, платете ни колку што ни треба до крај на годинава, оти размазенава јавна администрација ни се лути дека ние си ги покачивме платите за 78 отсто, а немаме пари ним да им дадеме барем 10 отсто. Башка, и избори идат.
Баш му личи името – солидарен данок. Солидарен со кого? Со тие што ни се закануваат и нам граѓаните како поединци и на приватниот бизнис дека нема да ни даваат услуги. Во оваа држава штрајкуваат само тие што ги трошат парите, а не тие што ги прават. Лесно им е на оние што се со обезбедена државна плата да се закануваат: „Нема да издаваме потврди, па ќе видите“. А ние еднаш да се заканевме: „Нема да плаќаме даноци, па ќе видите кога останете и без тие плати што ги имате“.
Општина Струга забрани шетање по бикини и гаќи за капење на кејот на Дрим и низ чаршијата, па дури изработи и постави специјални сообраќајни знаци со пречкртани гаќи.
За неморалот од дивоградбите, узурпираните плажи, палењето на трската, платформите во езеро се грижи македонската држава. За неморалот на градоначалникот се погрижи американската држава. И што ѝ остана на Општината? Да ја штити Струга од неморалот на туристите. Патем, ќе се сврти и некоја пара од новите знаци.
Колумна на Горан Михајловски во целост прочитајте ја на СДК.МК






