Алта банка на „листата за набљудување“ на Македонската берза, предупредување за инвеститорите

„Алта банка“ АД Битола е внесена на „Листата за набљудување“ на Македонската берза, со цел да се привлече вниманието на инвеститорската јавност поради воведувањето администрација во банката. Одлуката ја донел Одборот на директори на Берзата, согласно член 61-а од Правилата за котација. Како причина за ваквиот потег се наведува решението на Народната банка на Македонија со кое се воведува администрација во АЛТА банка АД Битола.

-Внесување на друштвото АЛТА банка АД Битола на Листата за набљудување е со цел за обрнување на внимание на инвеститорската јавност- се наведува во известувањето на Берзата.

Внесувањето на листата претставува сигнал до инвеститорите дека кај друштвото се случуваат околности што заслужуваат посебно внимание. Тоа само по себе не значи дека акциите се суспендирани од тргување или дека е донесена одлука за нивно исклучување од котација. Потегот на Берзата доаѓа по одлуката на Народната банка за воведување привремена администрација во АЛТА банка, со која се воведени ограничувања во располагањето со средствата на клиентите. Банката, според претходното известување на централната банка, продолжува да работи под посебен режим на надзор.

Back to top button
Close