Паркинг кај Собрание – прашање од 700.000 евра без одговор
Молк за обесштетувањето на плацот за катната гаража
Автор: Владо Апостолов
Државата си ја врати парцелата покрај Собранието, на која скопската фирма „Анго“, десет години не успеа да изгради катна гаража, но сè уште не е јасно дали е исплатено обесштетувањето од близу 700.000 евра.

Недостапни се и пресметките што доведоа до тоа надоместокот да порасне повеќе од двојно од сумата што компанијата ја плати за парцелата во 2013 година, бидејќи стручното вештачење е недостапно за јавноста.
Во деценијата зад нас, „Анго“, и покрај застојот, го задржа правото за градење, имајќи го крај себе како адвокат Панче Тошковски, кој долго време ги застапуваше во правните битки со Општина Центар. Нивната соработка се темели на тоа што актуелниот министер за внатрешни работи и семејството Трпковски, кое стои зад фирмата „Анго“, се пријатели и соседи во мала зграда во Буњаковец.
И покрај јасниот јавен интерес во овој случај, веќе неколку месеци, одговорните институции, Собранието и Министерството за финансии, или ги игнорираат нашите прашања, или си ја префрлаат одговорноста за информациите околу исплатата.
Во меѓувреме, БИРН открива дека владата предложила промена во начинот на обесштетување со отворање посебна наменска сметка на Собранието. Тој потег, комбиниран со молкот на институциите, отвора сомнеж дека се заобиколуваат вообичаените процедури за исплата на буџетски средства, со што би се избегнало јавно објавување на трансакциите преку платформата Отворени финансии.
Молк околу исплатата
Државата се вклучи во решавањето на децениската сага со гаражата откако летото во 2024 година, „Анго“ ја огради парцелата и ги извади багерите, само неколку недели пред да истече десетгодишниот рок за завршување на градбата.
Тогаш новата влада, на чело со Христијан Мицкоски, како аргумент за обесштетување го усвои и она што повеќе од една деценија, надлежните упорно го занемаруваа, а тоа е сериозниот потенцијал, гаражата да биде безбедносен ризик за пратениците.
Следното лето се донесе закон што треба да ја гарантира безбедноста на Собранието и во него се вгради механизмот со кој државата ќе ја одземе парцелата од близу 2.500 квадратни метри и соодветно ќе ја обесштети фирмата.
…





