Надлежните во земјава добија барања за помош на Словенија. АРМ е подготвена да испрати 100 војници

До надлежните институции во земјава пристигнале барања за помош на Словенија, која од четвортокот, минатата недела, се соочува со апокалиптични поплави, предизвикани од силното невреме што ја зафати земјата.

Последиците од поплавите што ја погодија Словенија / Фото: Н1
„До Центарот за управување со кризи (ЦУК) како контакт-точка на Република Северна Македонија преку НАТО механизмот за помош при катастрофи (Евро-атлантски координативен центар за одговор на катастрофи) пристигна барање за помош на Словенија“,информираше попладнево директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Министерката за одбрана Славјанка Петеровска, информира Ангелов, по консултации со Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија известила дека Армијата е подготвена да испрати 100 нејзини припадници.

Тие ќе бидат подготвени да тргнат откако ќе биде донесена одлука на Владата и дадена согласност од претседателот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски

Барање за помош на Словенија пристигнало и во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) која е контакт-точка со Европската Унија, преку Координативниот центар за одговор на итни состојби на ЕУ. Барањето е за помош со тешка механизација – булдожери, багери и слично

Back to top button
Close